Државата плаќа 60 милиони евра за автобуси со помал капацитет од старите

По две поништени постапки, унгарски „Икарус“ и кинески „Зонгтонг“ од лути ривали станаа партнери на милионски владин тендер.
Фото: Трн.мк

Државата плаќа 60 милиони евра за автобуси со помал капацитет од возилата со кои Скопје располага сега. Новото истражување на Центарот за граѓански комуникации открива дека по две поништени постапки, унгарски „Икарус“ и кинески „Зонгтонг“ од конкуренти се здружија во заеднички конзорциум за набавка на 150 електрични возила. Министерството за транспорт избра поскапа понуда, одбивајќи две поевтини решенија, додека граѓаните ќе добијат возила со само 66 места, значително помалку од европскиот просек.

Постапката за набавка на 150 електрични автобуси се водеше трипати во период од 15 месеци. Со секое ново поништување, понудувачите ги дознаваа цените и понудите на конкурентите, што според анализата на Центарот за граѓански комуникации го зголемило ризикот од меѓусебна координација.

Унгарската компанија „Икарус Електрик Зрт“ и кинескиот производител „Зонгтонг Бас Холдинг“ во вториот обид настапија како директни ривали. Во третиот повик тие поднесоа заедничка понуда и го добија тендерот вреден 60 милиони евра. Од оваа сума, 57 милиони евра се наменети за возилата, а 3 милиони евра одат за станици за полнење. Во конзорциумот како подизведувач влезе и ЕВН Македонија за инсталација на полначите од германската подружница на кинеската „Sungrow Power Supply“.

Владината комисија ја избра оваа понуда откако претходно дисквалификуваше две поевтини опции. Министерството за транспорт одбило да ги достави бараните анализи и документи врз основа на кои ги менувало техничките спецификации низ трите постапки.

Парадоксот на набавката лежи во димензиите на возилата. Новите автобуси ќе имаат капацитет од само 66 патници. Тоа претставува 20 седишта помалку во споредба со автобусите што Град Скопје ги купи последен пат, и дури 30 места помалку од возилата донирани од Европската Унија.

Истражувањето документира сличен модел на заобиколување на правилата и кај реконструкцијата на спортската сала „Џексон“ во Штип. Првичниот договор за градба изнесуваше околу 1,1 милион евра, со законско ограничување дополнителните работи да не надминат 20 отсто, односно 220.000 евра.

Наместо анекс, Општина Штип распиша нов тендер насловен како непредвидени работи, вреден 1,25 милиони евра со ДДВ. На повикот се јави само дотогашниот изведувач „Сандра Инженеринг“ од Скопје. Фирмата со месеци изведуваше два паралелни договори на исто градилиште, со што трошокот двојно го надмина основниот договор.

Третиот случај го лоцира неодговорното трошење во фудбалското игралиште во селото Чегране. Агенцијата за млади и спорт уште во март 2023 година склучила договор од 112 илјади евра за целосна реконструкција со трибини, осветлување и тревник.

Институциите досега му исплатиле 70 илјади евра на изведувачот, иако градежните активности се прекинати повеќе од една година. На теренот нема трева ниту реновирани трибини. Новоформираното Министерство за спорт не одговорило дали покренало постапка за активирање на банкарските гаранции и санкционирање на изведувачот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс