На денешен ден, 27 ноември 1960 година, во Скопје е роден македонскиот поп-пејач, кантавтор и композитор Владо Јаневски. Владо Јаневски е еден од најзначајните македонски поп-пејачи, кантавтори и композитори.
Јаневски дипломирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, но и покрај оваа диплома, музиката била неговата вистинска животна определба. Првиот допир со музиката го имал преку свирење тапани, а покрај нив свирел и клавир и гитара. Пред да започне соло-кариера, бил дел од групите „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“.
Неговата самостојна кариера ја започнал во 1993 година со деби-албумот „Парче душа“, по што следувале „Сѐ најдобро“ и „Далеку е небото“ (1996), „Има нешто посилно од сѐ“ (2002), „Ваков или таков“ (2004) и „Повторно се заљубувам во тебе“ (2006). Како комплетен автор на музиката и текстовите за најголемиот дел од својот репертоар, тој ги создаде безвременските хитови како „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“ и „Ова е наше Скопје“.
Јаневски беше и победник во 1994 година на „Макфест“ со песната „Еден бакнеж важен“, која ја направи во соработка со композиторот Григор Копров. Со него ги имаше и песните „Чаирска романтика“, „Црно тиквешко“, како и „Не зори, зоро“, песната со која во 1998 година во Бирмингем стана првиот официјален претставник на независна Македонија на Изборот за песна на Евровизија.
Низ годините соработуваше и со бројни регионални ѕвезди, меѓу кои Момчило Бајагиќ – Бајага, Каролина Гочева, Тијана Дапчевиќ и хрватската пејачка Весна Писаровиќ, за чиј пазар во 2025 година објави и албум со 16 препеани композиции на хрватски јазик.
Познато за него беше и дека својот приватен живот го чуваше подалеку од очите на јавноста. Последните години ги помина живеејќи во Гевгелија. Сепак, остана активен на сцената до самиот крај со повеќе распродадени концерти во Македонската филхармонија и Античкиот театар во Охрид, а во првите месеци од 2026 година ја промовираше песната „Принчипеса“ и ги имаше своите последни големи настапи пред скопската публика.
Владо Јаневски почина во Скопје на 28 јуни 2026 година, на 65-годишна возраст.
