ЛИПА“ во Паркот на франкофонијата: Нова скулптурална инсталација посветена на душата на Скопје

Делото на скулпторот Андреј Миневски ја слави симболиката на скопските липи како сведоци на секојдневието, љубовта и животните одлуки на граѓаните.

Паркот на франкофонијата доби нов урбан белег со поставување на нова скулптурална инсталација и топоним „ЛИПА“, дело на скулпторот Андреј Миневски, информираат од Центарот за современи уметности – Скопје. Инсталацијата беше поставена на 25 ноември и е инспирирана од истражувањето на локалните приказни и значењето што липовите дрвореди го имаат за генерации скопјани — од булеварите каде што се брза низ секојдневието, до клупите во парковите каде што почнувале љубови и се носеле животни одлуки. Како што се наведува во текстот на Игор Илиевски, подготвен за оваа пригода, мирисот на липите е мирисот на душата на градот.

,,Скопје нема липицанери, трага по правда, а желно е и за повеќе вистина. Но, ги има своите липи. И дух широк и раскошен како нивната крошна, и опоен како мирисот на липата кога цвета. Скопјани се колнат дека никаде нема пораскошен и поопоен мирис, иако, како и градот, кај некого предизвикува алергија и солзи во очите. Мирисот на липите е мирисот на душата на Скопје.’’, стои во текстот на Илиевски


Инсталацијата е дел од проектот „Скулптурални инсталации/Топоними“ на Центарот за современи уметности – Скопје, реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс