Tрн: Како ја оценувате актуелната состојба со женските права и слободи генерално? Каде е реалноста помеѓу декларативните права и реалните можности на жените?
Н.Е. Узлем Џанел: За почеток, би сакала да истакнам колку е важно да се одбележи Меѓународниот ден на жената и да се слават жените и нивните достигнувања. Сите ние имаме идоли на кои се угледуваме. За мене тоа се мајка ми и баба ми од таткова страна.
Во однос на Вашето прашање, горда сум што претставувам земја која вистински верува во еднаквоста меѓу мажите и жените. Човековите права, меѓу кои и правата на жените и девојките, се едно од основните начела на надворешната политика на Холандија. Сепак, еднаквоста за која се залагаме не е само прашање на принцип, туку истовремено е важна и од економска перспектива. Едноставно, нема логика да не се искористи потенцијалот на 50% од вкупното население.
Секако дека ни се потребни законски решенија што ќе ги штитат правата на жените, но уште поважно е тие да се спроведуваат.

Tрн: Која е вашата гледна точка за врската помеѓу економската независност на жените и нивната моќ? Какви стратегии се потребни за економска зајакнување на жените и како Холандија ја промовира родовата еднаквост и правата на жените?
Н.Е. Узлем Џанел: Најголемите предизвици со кои се соочуваат жените на глобално ниво се најчесто недостатокот од образование или немањето пристап до образование, немањето пристап до финансиска независност, немањето пристап до здравствена заштита и немањето безбедна средина. Сите овие се меѓусебно поврзани. Квалитетното образование често води кон финансиска независност, а таа пак создава силни жени кои имаат самодоверба и контрола врз своето здравје и својата безбедност.
Една од најголемите пречки за жените понекогаш е недоволната самодоверба или немањето верба во себеси. Влегувањето во средина во која понекогаш доминираат мажи, може да биде застрашувачко. Но, треба да бидеме храбри и, што е уште поважно, да се поддржуваме една со друга. Постојат многу начини да се постигне тоа, на индивидуално и на општествено ниво. На пример, преку менторски програми или преку создавање безбедни и поддржувачки средини во кои жените ќе можат да напредуваат и да го остварат својот најголем потенцијал.
Што се однесува до Холандија, во периодот од 1977 година до 2022 година бројот на економски независни жени порасна од 20 на 70 проценти. Ова е огромно достигнување, но не се случи преку ноќ.
Моето Министерство се залага да постигне 50% застапеност на жените на амбасадорските позиции оваа година. Мислам дека во моментов 43% од нашите амбасадори се жени. Сметам дека е добро да се имаат вакви објективни и мерливи цели.

Tрн: Каква е улогата на феминистичките движења во денешното општество? Кои се главните цели на феминизмот и дали има нови предизвици кои треба да се адресираат?
Н.Е. Узлем Џанел: Повеќе би сакала да зборувам од аспект на женскиот активизам. Основните цели на женскиот активизам се исти: жените треба да имаат еднакви права во приватната и во општествената сфера, како и еднаков пристап до донесувањето одлуки. Како жени, почетната точка треба да ни биде нашата сила и нашата самодоверба. Но, подеднакво важно е и мажите да бидат на наша страна. Потребна ни е нивната поддршка. Тие се нашите сопрузи, татковци, синови, браќа. Тие се нашите пријатели и колеги. Сите ние треба да се залагаме за истото нешто, за вистинска еднаквост. Треба да го споделуваме товарот на одржување рамнотежа меѓу кариерата и приватниот живот, како и товарот на материјалното обезбедување на семејството.
Tрн: Во 21 век родовото насилство, семејното насилство па и фемицидот, се теми за кои се уште зборуваме затоа што реално се случуваат околу нас? Во исто време се бориме за право на абортус и еднакви плати со мажите, ист третман и работни позиции…Зошто по толку години и толкав цивилизациски напредок не можеме да го искоренимиме примитивизмот?
Н.Е. Узлем Џанел: Ова е можеби прашање за психолозите или за социолозите. Она што јас можам да го кажам е дека за доброто на целото општество треба да ги искорениме сите видови насилство, а особено родово базираното насилство. Ова може да го постигнеме само ако работиме заедно со мажите во нашето општество, особено со момчињата. Горда сум на партнерството со Центарот за истражување и креирање политики кои го спроведуваат проектот „Биди маж“. Тие работат во девет општини со момчиња од средните училишта на возраст од 14 до 18 години на теми како што се здравите врски, согласноста, родовата еднаквост и реагирање од позиција на набљудувач. Верувам во овој проект бидејќи сум убедена дека вистинските мажи не треба да вршат насилство врз жените. Тоа не е начин да се потврди машкоста. Доколку сакате да бидете почитувани, мора најпрво да покажете почит.

Tрн: Голем дел од жените денес се плашат од подемот на десничарските движења и политиките кои ги наметнуваат. Оправадан ли е стравот од регрес на женските права и слободи според вас?
Н.Е. Узлем Џанел: Женските права се човекови права: правото на слободен, здрав и исполнет живот е цивилизациска придобивка која никогаш не треба да се доведува во прашање, независно од промените во глобалната или националната политика. Може да видиме дека има и жени кои учествуваат или поддржуваат различни политички опции, вклучително и од десничарскиот спектар, но она што е за мене клучно е дека тие индивидуални права и лични избори мора да се почитуваат.
Tрн: Каква е вашата проценка за напредокот на правата на жените и родовата еднаквост во Македонија?
Н.Е. Узлем Џанел: Пред неколку дена имавме ручек во нашата амбасада со жени во униформа. Длабоко сум импресионирана од нивната издржливост, храброст и од нивните постигнувања. Сите тие работеле напорно, понекогаш многу понапорно од нивните машки колеги, за да ги исполнат своите соништа. Така што, имате прекрасни жени на кои може да се угледате. Искористете го нивниот потенцијал. Жените се од клучно значење за стабилноста и просперитетот на државата.