Кој ја пушти информацијата за загадена вода? „Сигурните извори“ остануваат мистерија

МВР ги утврдува профилите што ширеле информации за наводно загадена вода во Скопје. Институциите демантираат, а „сигурните извори“ остануваат непознати.

МВР презема мерки во врска со објавите на социјалните мрежи во кои се тврдеше дека водата во Скопје е загадена со ешерихија коли и дека на Клиниката за инфективни болести веќе имало пациенти поврзани со наводната контаминација. Информациите во меѓувреме беа демантирани од надлежните институции.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Секторот за компјутерски криминал ги утврдува профилите од кои биле објавувани и ширени ваквите информации, а лицата се повикуваат на информативен разговор.

„Во врска со вашите прашања ве известуваме дека Секторот за компјутерски криминал при МВР презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и истите се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста“, соопштиле од МВР.

„Сигурните извори“ засега без одговор

Една од објавите што се проширија на социјалните мрежи беше од профилот на Анета Грујовска. Во неа се тврдеше дека информацијата доаѓа „од сигурни извори“, дека водата во Скопје не е исправна за пиење и дека во неа била пронајдена ешерихија коли. Во објавата граѓаните беа советувани да купуваат флаширана вода.

Објавата потоа беше споделувана на други профили и во групи на социјалните мрежи, по што информацијата брзо се прошири и предизвика вознемиреност кај дел од граѓаните.

Од „Скопје1“ пишуваат дека ја контактирале Грујовска и побарале одговор од каде ја добила информацијата, кои се „сигурните извори“, зошто ја објавила без приложени докази, каде ја споделила и дали ќе се извини по официјалните деманти. До објавувањето на нивниот текст, одговор не добиле.

„Водовод“: Сите примероци се исправни

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ги демантираше информациите за загадување на водата.

Според претпријатието, при дневниот мониторинг на 11 август биле земени 42 примероци од водоснабдителниот систем на Скопје, од кои четири од бунарскиот потег Нерези – Лепенец. Сите анализирани примероци ги исполнувале барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Нема пациенти на Инфективната клиника поврзани со водата

Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, исто така ги демантираше тврдењата дека биле регистрирани два случаи поврзани со наводна контаминација на водата со E. coli.

„Информациите што се шират на социјалните мрежи дека на Клиниката за инфективни болести се регистрирани два случаи поврзани со наводна контаминација на водата со E. coli не се точни. Во моментов на Клиниката нема регистрирани ниту хоспитализирани пациенти поврзани со ваков настан. Апелираме јавноста да се информира исклучиво од официјални и проверени извори“, изјавил Цана.

Тврдењата за загадена вода во Скопје и за пациенти на Инфективната клиника, според досега објавените официјални информации, не се потврдени. МВР во меѓувреме продолжува да утврдува кои лица стојат зад профилите од кои информациите биле пласирани и ширени.

Извор: Скопје1

е-Трн да боцка во твојот инбокс