Струшкиот музеј ги штити експонатите пред вековниот јубилеј – диорамите добиваат нов изглед

Васко Јолески и Бојан Крстески со природни материјали ги оживуваат диорамите – музејот чекори кон модерна поставка пред стогодишнината во 2028 година.
Фото: Струга онлајн

Музејот „Д-р Никола Незлобински” во Струга, со поддршка од Министерството за култура и туризам, спроведува проект за превентивна заштита на музејските експонати од штетници и за обнова на диорамите – и тоа токму во моментот кога установата се подготвува за еден од најзначајните јубилеи во својата историја: стотата годишнина од основањето на Природонаучната поставка во 2028 година.

Активностите ги водат препараторите Васко Јолески и Бојан Крстески, кои применуваат пестициди и хемиски средства усогласени со европските стандарди, ја контролираат влажноста во просториите и ги обновуваат диорамите со природни материјали (трска, реси, песок и блато) за да создадат поверодостоен приказ на природните живеалишта и да привлечат поголем број домашни и странски посетители.

Проектот е дел од годишната програма на установата и има особено значење за зачувување на Природонаучната поставка, која претставува една од најстарите и најзначајните од овој вид во регионот. Превентивната заштита на експонатите се врши континуирано, при што покрај хемиската заштита, посебно внимание се посветува и на микроклиматските услови во изложбениот простор. Зголемената влажност се следи и контролира со поставување одвлажнувачи, со цел да се спречи евентуално оштетување на изложените предмети.

Паралелно со заштитните мерки, музејот инвестира и во визуелна модернизација на поставката. Обновата на диорамите започна минатата година, а досега се реновирани четири од нив. До крајот на оваа година планирано е да бидат освежени и дел од преостанатите. За да се долови што поверодостоен приказ на природните живеалишта, препараторите користат исклучиво природни материјали – трска, реси, песок и блато – со што посетителите ќе можат да добијат јасна претстава за средините во кои живеат изложените животни.

Со реализацијата на овој проект, музејот во Струга чекори кон модерна и атрактивна поставка, а очекувањата се дека обновените простори ќе придонесат за зголемен интерес кај посетителите, и од земјава и од странство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни