На 300 километри северно од Арктичкиот круг, во рибарското село Анденес на норвешкиот остров Андоја, во тек е изградбата на амбициозниот центар „Китот“ (The Whale). Објектот, проектиран од данското архитектонско студио „Dorte Mandrup“, официјално ќе ги отвори вратите за посетителите на 3 јуни 2027 година. Позициониран директно на брегот, центарот е замислен како синтеза меѓу уметноста, архитектурата и заштитата на океаните.

Објектот се протега на површина од околу 3.750 квадратни метри. Дизајнот се потпира врз закривена параболична бетонска школка која ја пренесува сопствената тежина на само три носечки точки. Ова конструктивно решение овозможува внатрешноста да биде целосно ослободена од потпорни столбови.
Покривот е обложен со природен, локален камен подреден во неправилен распоред, па објектот од далечина делува како продолжеток на крајбрежните карпи. Аеродинамичната форма спречува акумулација на снег и го намалува отпорот на арктичкиот ветер. Покривот е целосно проодлив и служи како јавен видиковец кон Атлантскиот Океан, независно од тоа дали посетителите купуваат билет.

Изборот на локацијата во Анденес е поврзан со специфичната подводна топографија. Подморскиот кањон Блеиксдјупет се спушта стрмно во непосредна близина на брегот, овозможувајќи длабоки и ладни води богати со хранливи материи да доаѓаат до самиот остров.
Благодарение на оваа природна карактеристика, во овие води преку целата година се присутни различни видови китови, вклучувајќи кашалоти, грбави китови, орки и перкари. Локалните оператори за набљудување китови „Hvalsafari AS“ и „Whale2Sea AS“ се меѓу косопствениците на новиот центар, управуван од компанијата „The Whale AS“, каде што мнозински удел има општина Андој.

Внатрешниот изложбен простор зафаќа околу 1.800 квадратни метри и е развиен од американското студио „Ralph Appelbaum Associates“ во соработка со „Tamschick Media + Space“. Посетителите поминуваат низ девет последователни соби:
- Обликувани од земјата и морето – воведен дел со панорамски поглед кон океанот.
- Домот на китовите – контекст за подморскиот кањон и целогодишното присуство на животните.
- Првата средба – контакт преку дрвени скулптури од орки во природна големина и модели на грбави китови.
- Прилагодени на океанот – еволутивниот пат на морските цицачи.
- Под кожата – анатомски прикази, скелети и соба со пулсот на срцето на китот.
- Под површината – аудиовизуелна симулација на подводните длабочини.
- Звучен пејзаж – акустична просторија за вокализацијата на китовите.
- Библиотека на односи – историскиот однос меѓу човекот и китовите преку митови, лов и заштита.
- Хоризонти – интерактивна мапа што ги прикажува светските океани како еден поврзан систем.

Продажбата на билети и резервациите за првата сезона ќе отворат во есента 2026 година.
