Со мерење на 170 локации се спроведува најсеопфатниот мониторинг на водите во сливот на Вардар

УХМР го мери квалитетот и квантитетот на водите на 170 локации во земјава со швајцарска поддршка за спас на речниот слив.

Во тек е најсеопфатниот надзорен мониторинг на квалитетот и квантитетот на водите во сливот на реката Вардар, најважниот воден ресурс, кој опфаќа над 80 отсто од сите водни тела во државата. Овој процес го спроведуваат стручни тимови од Управата за хидрометеоролошки работи и опфаќа теренски мерења, земање примероци од подземни и површински води и лабораториски анализи на водни тела од вкупно 170 локации.  

Мониторингот се реализира според нова национална мониторинг програма, која ги дефинира мерните места, параметрите и методологијата за следење на квалитетот и количеството на води. Програмата е изработена од страна на Швајцарската Програма за управување, користење и заштита на води, УХМР и меѓународни експерти. Таа претставува дел од поширока Стратегија за мониторинг на води, изработена со поддршка на програмата, чија цел е јакнење на институционалните и техничките капацитети на УХМР за долгорочно спроведување и надзор на водите во државата. Станува збор за клучен чекор кон воспоставување модерен систем за управување со водните ресурси, заснован на научни податоци и во согласност со Законот за води и Рамковната директива за води на Европската Унија.

„Квалитетен и сеопфатен мониторинг на водите во државата е главен предуслов за ефикасно и одржливо управување со водните ресурси чија вредност е непроценлива и за луѓето, и за земјоделството, и за економијата, и за целокупниот екосистем. Нашите тимови периодов работат на терен, каде земаат примероци на вода од различни локации низ целата држава. Резултатите од овој мониторинг ќе покажат каква е состјбата на нашите води, кои се главните предизвици со кои се соочуваме и какви мерки се потребни за нивна заштита“, вели Игор Лазаровски, директор на УХМР.

Надзорниот мониторинг, кој се очекува целосно да заврши до крајот на годината, ќе се спроведе на вкупно 80 локации од кои ќе се земат примероци од површински води, како и со контрола на податоците на 90 мониторинг станици за подземни води во сливот на реката Вардар. Со цел попрецизно и поефикасно спроведување на овие активности, Програмата за води ѝ донираше на УХМР 14 пиезометри, мерни инструменти кои се клучни за мониторинг на подземни води.  

моиторинг на водите во сливот на Вардар

Дополнително, капацитетите на УХМР за мониторинг и заштита на водните ресурси во државата, се унапредија со донација на модерна лабораториска опрема и две возила, во вкупна вредност од околу 250.000 швајцарски франци.

„Една од главните цели на Програмата за води е да ги унапреди капацитетите на клучните институции во државата кои се грижат за заштита на водните ресурси, но и да придонесе за одржливо управување со водите, согласно стандардите на Европската Унија. Имајќи ја предвид важноста на мониторингот на водите во сливот на Вардар, го поддржуваме овој процес со подобрување на техничките и стручните капацитети на УХМР и со изработка на клучните стратешки документи за управување со водите“, вели Јан Квиатковски, тим лидер на Програмата за води.

Собраните информации ќе овозможат прецизна анализа на состојбата на водните ресурси, идентификување на проблематичните подрачја, како што се загадувањето или недостигот на вода, и подготовка на конкретни мерки за нивна заштита и одржливо користење. Во исто време, резултатите од мониторингот ќе бидат една од основите при изработката на првиот План за управување со сливот на реката Вардар, стратешки документ што ќе ги дефинира идните политики и мерки за управување со водите, согласно барањата на Рамковна директива за води на ЕУ.

Спроведувањето на надзорниот мониторинг на водите во сливот на Вардар е овозможено со национално кофинансирање во износ од околу 440.000 швајцарски франци, обезбедено од Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Останатиот дел од средствата е обезбеден од Швајцарија преку Програмата за управување, користење и заштита на води.

е-Трн да боцка во твојот инбокс