MondayDance: Sonique и песната што и по 25 години нè крева на нозе

За овој #MondayDance одбравме песна за која се доволни првите неколку секунди за да те вратат во едно друго време – „It Feels So Good“ на Sonique. Песна од крајот на деведесеттите која го доживеа својот вистински момент дури две години подоцна, а повеќе од четврт век потоа сè уште звучи како да е создадена за подиум.

„It Feels So Good“ првпат е објавена во 1998 година, како дел од дебитантскиот албум на Sonique, „Hear My Cry“. Првото издание не направило спектакуларен пробив – на британската топ-листа стигнало до 24. место. Но приказната на песната тука практично само што започнувала.

Траката почнала да добива нов живот во клубовите, а нејзиниот успех во САД повторно го насочил вниманието кон неа. Кога била реобјавена во Велика Британија во 2000 година, резултатот бил сосема поинаков: „It Feels So Good“ стигнала директно до врвот и поминала три недели на првото место на британската топ-листа. Во Top 40 останала цели 14 недели.

Успехот не останал само на британската страна од Атлантикот. Песната направила голем пробив и во САД, каде што стигнала до Top 10 на Billboard Hot 100, претворајќи ја Sonique од име добро познато на клупската сцена во меѓународна поп и денс ѕвезда. Следната година „It Feels So Good“ ја освоила и наградата International Hit of the Year на Ivor Novello Awards, а Sonique ја добила наградата Best British Female на BRIT Awards 2001.

А Sonique и пред овој хит добро го познавала подиумот. Родена како Sonia Clarke, таа градела кариера и како пејачка и како DJ, со искуство со S’Express, а подоцна станала резидент DJ во клубови како Cream и Manumission на Ибица. Токму таа комбинација – вокалист што знае како функционира клубот и DJ што знае како функционира песната – може да се почувствува и во „It Feels So Good“.

И можеби токму затоа песната толку добро го преживеа времето. Има нешто типично за преминот од деведесеттите во 2000-тите: пулсирачки денс ритам, еуфоричен рефрен и вокал кој веднаш го препознаваш. Не ѝ треба долг вовед, ниту објаснување – само неколку секунди за повторно да функционира онака како што функционирала на подиумите пред повеќе од 25 години.

Некои песни остануваат во годината во која се создадени. Други едноставно продолжуваат да се пуштаат.

За овој понеделник ја одбравме втората.

Sonique – „It Feels So Good“

е-Трн да боцка во твојот инбокс