Приказната за човекот зад најпознатата револуционерна фотографија

Че Гевара: човекот што стана поголем од сопствената револуција

Роден на 14 јуни 1928, убиен на само 39 години, а сепак секаде, на ѕидовите, знамињата и маиците на луѓе кои можеби никогаш не прочитале ниту ред од она што го напишал, тоа е парадоксот на Ернесто „Че” Гевара.

Во 1967 година, во мало боливиско село наречено Ла Игера, боливиски војник влегол во напуштено училиште и застрелал заробен, ранет маж од 39 години. Наредбата дошла од боливиската влада, поддржана од ЦИА. Планот бил да се угаси идејата за револуцијата. Резултатот бил спротивен, лицето на тој маж денес е најпрепознатливата икона на бунтот во историјата на човештвото.

Но приказната не почнува таму. Почнува многу порано, со мотоцикл и момче со астма.

Ернесто, пред да стане Че

Росарио, Аргентина, 14 јуни 1928 година. Во среднокласно семејство со левчарски убедувања се раѓа Ернесто Рафаел Гевара де ла Серна, најстар од пет деца, болен од астма уште од детството, со болест која ќе го следи цел живот. Учи медицина во Буенос Аирес, страствено чита, игра рагби и веќе во раните дваесетти почнува да патува, прво сам со велосипед низ Аргентина, а потоа, во 1952, на мотоцикл низ целиот континент со пријателот Алберто Гранадо.

Тоа патување, подоцна овековечено во неговите дневници и во филмот „Мотоциклистички дневници” — сменило сè. Низ Чиле, Перу, Колумбија и Венецуела, младиот медицинар гледал сиромаштија која не ја познавал, рудници во кои американски компании го вадат богатството додека локалното население умира. Во лепрозериумот во Перу каде работел кратко, сфатил дека медицината не може да поправи проблем кој е длабоко политички. Ернесто тргнал на пат. Се вратил како Че.

Средбата која сè ја смени

Во 1955 година, во Мексико Сити, Гевара го сретнал Фидел Кастро. Зборувале цела ноќ за Латинска Америка, за империјализмот, за револуцијата и следниот ден аргентинскиот лекар бил дел од кубанскиот герилски проект. Тргнале со брод, слетале на Куба, изгубиле две третини од луѓето во првата засада, се повлекле во планините Сиера Маестра и оттаму, со стрпение и дисциплина, за три години ја изградиле револуцијата.

Гевара бил суров командант кој дезертерите ги казнувал без милост, но и смел до лудост секогаш напред, никогаш зад редовите. Кастро лично му наредил на потписот да додаде „el comandante”. Во јануари 1959 Батиста побегнал, револуцијата победила и Гевара влегол во Хавана како херој. Подоцна, кога станал директор на националната банка, на потписите на банкнотите ставал само „Che” еден збор, без презиме, без титула, без фoмалност.

Фотографијата

На 5 март 1960 година, во Хавана, на комеморација за жртвите на експлозија во пристаништето, фотографот Алберто Корда го фотографирал Гевара во публиката. Само неколку кадри, само неколку секунди. Гевара не сакал да биде фотографиран, бил човек на акција, не на позирање. Корда ја нарекол сликата Guerrillero Heroico, „Херојски герилец”, ја закачил дома и таму стоела седум години, практично непозната.

Потоа Гевара умрел. И сликата почнала да живее.

До крајот на 1960-тите, Guerrillero Heroico се нашла на ѕидовите на Париз за време на бунтовите во 1968, на знамиња во Прага, на корици на поезија во Италија. Ирскиот уметник Џим Фицпатрик ја претворил во двобојна графичка икона онаа со која денес секој го препознава Гевара.

Maryland Institute College of Art подоцна ќе ја прогласи за „најпознатата фотографија во светот”. Корда никогаш не примил ниту денар за неа. Авторски права на Куба тогаш не постоеле и тој лично никогаш не барал. Тужел само еднаш во животот, кога британска компанија го употребила ликот за реклама за вотка не заради пари, туку заради принцип.

Одлуката да се оди

Во 1965 година, Гевара исчезнал од јавниот живот на Куба. Шест месеци без збор, без весник, без јавно појавување додека цел свет шпекулирал каде е. Потоа Кастро јавно прочитал проштално писмо: Гевара ги напуштил сите функции, сите титули, дури и кубанското државјанство.

„Отсекогаш сум бил идентификуван со надворешната политика на нашата револуција и тоа така ќе остане”, напишал. „Не жалам што не оставив ништо материјално за моите деца и жена. Среќен сум што е така.”

Прво отишол во Конго, каде герилата пропаднала. Потоа во Боливија, каде верувал дека сиромашните селани ќе се обединат со него. Сепак се излажал. Во октомври 1967, неговата герилска група е речиси уништена, тој е заробен, ранет, однесен во училиштето во Ла Игера. Следниот ден е стрелан. Телото е скриено во масовна гробница крај аеродром. Дури во 1997 посмртните останки се пронаоѓаат, пренесуваат на Куба и го погребуваат во Санта Клара градот кој тој лично го освоил во револуцијата.

Маицата

Убиствотo требало да го уништи митот. Но митот е поопасен од командантот и светот тоа брзо го сфатил. Сликата на Корда станала симбол на генерацијата на 1968, па на секоја следна генерација која почувствувала дека нешто е криво со светот. Авторот Мајкл Кејси во книгата Che’s Afterlife ќе напише дека Гевара станал „квинтесенцијалната постмодерна икона која значи сè за секого и сè за сите” револуционер, маченик, бунтовник, андерадог, идеалист.

И тука е парадоксот кој не исчезнува, човекот кој го посветил животот на борба против капиталистичката експлоатација денес е еден од најпрофитабилните комерцијални брендови во историјата. Неговото лице е на маици произведени во фабриките кои тој сакал да ги урне, продавани во трговски центри кои тој ги презирал, носени од тинејџери во земји кои тој никогаш не ги посетил. Корда барем не се збогатил. Фицпатрик ги пуштил правата бесплатно. Но некој друг се збогатил многу.

Денес, 97 години по раѓањето, Ернесто Че Гевара е истовремено сè и ништо. И херој и злосторник, маченик и убиец, симбол на слободата и производ на системот кој го мразел. Можеби единственото сигурно нешто за него е дека момчето со астма од Росарио, кое тргнало на мотоцикл да го види светот, никогаш не сфатило дека ќе стане икона на маица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс