МОК и италијанскиот амбасадор договорија соработка пред Медитеранските игри Таранто 2026

На средба во Олимпискиот дом, претставници на МОК и амбасадорот на Италија разговараа за унапредување на спортската соработка, заеднички активности и подготовките за Медитеранските игри Таранто 2026.

Во Олимпискиот дом се одржа работна средба помеѓу претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, генералниот секретар Ѓорги Тасев и амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Паоло Палминтери.


На средбата се разговараше за повеќе теми од заеднички интерес поврзани со развојот на спортот, унапредувањето на меѓународната спортска соработка и можностите за реализација на заеднички активности и иницијативи во наредниот период.


Посебен акцент беше ставен на претстојните Медитерански игри во Таранто 2026, каде Македонија планира настап со бројна делегација составена од спортисти, тренери и спортски официјални лица. Во таа насока, беше истакната важноста од навремена координација, логистичка поддршка и промоција на настанот, како и продлабочување на соработката помеѓу двете земји преку спортот.


Во конструктивна и пријателска атмосфера, соговорниците договорија и реализација на заеднички активности за промоција на олимписките вредности, спортот и културната поврзаност помеѓу Македонија и Италија.


Средбата претставува уште еден значаен чекор во насока на зајакнување на меѓународната соработка и поддршка на македонските спортисти и спортски организации во пресрет на големите мултиспортски настани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс