ММФ: Македонија меѓу 7-те најбрзорастечки економии во Европа до 2031 година

ММФ прогнозира просечен економски раст од 3% за Македонија до 2031 година, што ја позиционира меѓу седумте најбрзорастечки економии во Европа. Западен Балкан ќе расте двојно побрзо од еврозоната.

Македонија е пред период на стабилен економски раст и до 2031 година ќе се вбројува меѓу седумте најбрзорастечки економии во Европа, покажуваат најновите проекции на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои ги пренесува „Еуроњуз“. Според прогнозите, македонската економија ќе бележи просечен годишен раст од 3%, што е значително над очекуваниот просек за Европската Унија и еврозоната.

Западен Балкан ќе расте побрзо од еврозоната

ММФ проценува дека земјите од Западен Балкан, Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина – во наредните години ќе остваруваат економски раст што ќе биде повеќе од двојно повисок од оној на еврозоната. Просечниот раст на регионот ќе се движи околу 3% годишно, што е блиску до глобалниот просек и претставува значаен чекор кон економско приближување со поразвиените европски економии.

Според анализите на ММФ, Малта ќе биде најбрзорастечката европска економија со просечен раст од 3,96% до 2031 година. Од друга страна, најголемите европски економии ќе продолжат да се соочуваат со забавен раст: Германија – 0,92%,Италија – 0,70%. Просечниот економски раст на Европската Унија ќе изнесува 1,44%, а еврозоната – 1,21%.

Што го кочи растот на најголемите европски економии?

Експертите на ММФ посочуваат неколку клучни фактори кои ќе го ограничуваат економскиот раст во Европа: висок јавен долг стареење на населението и недостиг на работна сила, ниска продуктивност, високи цени на енергијата, продолжена геополитичка неизвесност. Се очекува еврозоната да забележи највисок раст во 2028 година, кога економијата би пораснала за 1,4%, по што повторно ќе се стабилизира околу 1,2% годишно.

На глобално ниво, ММФ прогнозира дека светската економија ќе расте со просечно темпо од 3,2% годишно. Најсилен двигател и понатаму ќе биде Азија, со просечен раст од 4,6%, додека Индија ќе остане една од најбрзорастечките големи економии во светот со 6,5% годишен раст. И субсахарска Африка се очекува да бележи просечен економски раст од 4,6%.

Можност за побрзо економско приближување

Според прогнозите, следните пет години отвораат можност помалите европски економии, особено оние од Западен Балкан, да го искористат забавувањето на големите западноевропски пазари и да го засилат процесот на економско приближување кон Европската Унија. Доколку проекциите на ММФ се реализираат, Македонија ќе ја зацврсти својата позиција како една од најдинамичните економии во Европа, со раст што ќе биде значително над европскиот просек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс