ММА и МРТ: Трите македонски „Арени“ работат без дозвола, а АВМУ толерира

Во заедничко соопштение, ММА и МРТ посочуваат дека спортските канали Arena M1, M2 и M3 Premium подолг период работат во Македонија без домашна дозвола

Македонската медиумска асоцијација (ММА) и Македонската радио-телевизија (МРТ) изразија сериозна загриженост поради, како што наведуваат, индициите дека неколку телевизиски сервиси поврзани со српски компании ги заобиколуваат домашните законски прописи.

Во заедничко соопштение, ММА и МРТ посочуваат дека спортските канали Arena M1, M2 и M3 Premium подолг период работат во Македонија без домашна дозвола, иако, според нивните наводи, значителен дел од програмата се создава во Скопје.

Како што наведуваат, продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се наоѓаат во Македонија, студиските емисии се произведуваат во Скопје, а програмата се емитува на македонски јазик. Сепак, каналите, според нив, се третираат како странски програмски сервиси што се реемитуваат во земјава.

ММА и МРТ дополнително укажуваат дека во евиденцијата на српскиот регулатор REM овие канали не се заведени како домашни српски телевизиски сервиси, додека во евиденциите одобрени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) се водат како странски сервиси.

Од двете институции бараат надлежните органи да утврдат дали е заобиколена законската обврска за поседување дозвола за работа, дали е предизвикана штета на буџетот поради евентуално неплаќање лиценци и дали постои одговорност кај сопствениците, одговорните лица и надлежните институции.

Во соопштението се бара да се испита и евентуалното неовластено користење премиум спортски телевизиски права, односно можноста за телевизиска пиратерија.

ММА и МРТ најавуваат дека ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, со цел да се испита целокупното постапување и евентуалната одговорност на надлежните лица.

Тие истовремено посочуваат дека нема да дозволат, како што велат, истиот модел на третирање да се примени и во случајот со најавениот Euronews Македонија.

„Беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило“, се наведува во соопштението на ММА и МРТ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс