Само 8,2 отсто од младите научиле за менструацијата на училиште

Истражување на „Тиииит! Инк.“ открива дека срамот, скапите производи и лошите услови во тоалетите сè уште го кочат секојдневието на девојките.

Само 8,2 отсто од младите научиле за менструацијата на училиште, додека мнозинството бара системско знаење за менталното здравје и менструалните нарушувања, покажува најновото регионално истражување спроведено меѓу 85 млади лица во Скопје од граѓанската организација „Тиииит! Инк.“. Резултатите објавени во рамки на европскиот проект за достоинствен пристап кон менструалното здравје откриваат длабок јаз помеѓу реалните потреби на младите и условите со кои се соочуваат во училниците, амфитеатрите и работните места.

Пречките со кои се соочуваат младите не се само информативни, туку пред сè материјални. Учесниците во истражувањето посочуваат дека недостапните или прескапи менструални производи, заедно со нечистите и несоодветно опремени тоалети, секојдневно им го отежнуваат престојот на училиште и на факултет.

Наместо основна хигиенска поддршка, младите се принудени самите да наоѓаат решенија за време на наставата.

Покрај просторните и финансиските бариери, општествената стигма останува силно присутна во секојдневието. Срамот, молкот и исмевањето од околината продолжуваат да го обликуваат искуството на менструирање во јавниот простор, на работните места и во образовните институции.

Истовремено, интересот за теми како што се менструалните нарушувања и менталното здравје е исклучително висок, но институционален одговор речиси нема. Податокот дека едвај осум проценти од испитаниците добиле клучни сознанија во училишните клупи јасно упатува на отсуство на сеопфатно образование во наставните програми.

Организаторите нагласуваат дека создавањето средина пријателска кон менструацијата подразбира менструалното здравје да престане да биде пречка за редовно образование, работа и нормално функционирање во општеството. Барањето е јасно: надлежните институции мора да престанат да ја третираат менструацијата како индивидуален проблем што секој треба да го решава приватно.

Истражувањето е спроведено во рамки на проектот #BecomingPeriodFriendly for Youth, кој го реализираат „Тиииит! Инк.“ и „Period.Skopje“ од земјава, заедно со партнерски организации од Франција, Полска, Романија и Белгија, со поддршка од европската програма Еразмус+.

е-Трн да боцка во твојот инбокс