Во МКЦ со зимски јакни: нема парно, тоалетите за публика не работат

Младинскиот културен центар во Скопје ги пречекува посетителите без парно греење и функционални тоалети за публика, а засега нема одговор кога ќе се решат проблемите, објавува САКАМДАКАЖАМ.МК.

Според информациите што вработените ги дале за СДК.мк, дефект во системот го спречува вклучувањето на парното. За поправката е потребен вентил вреден 300.000 денари, пари кои институцијата, според нив, во моментов не може да ги обезбеди.

Последиците ги почувствувала и публиката на отворањето на филмскиот фестивал Киненова на 15 октомври, која, како што известува порталот, ја следела програмата во зимски јакни.

Проблемите се однесуваат и на основните услови за посетителите. Според вработените, функционираат само тоалетите во административниот дел, додека оние наменети за публика се неупотребливи. Не работи ниту пристапната рампа за лица со попреченост, бидејќи не е сервисирана. Терасата, која се користела како бифе и носела дополнителни приходи, е надвор од функција поради долгови, наведува СДК.мк.

Вработените тврдат дека од јануари повеќепати го известувале директорот Бени Шаќири за состојбите. Испратиле и допис до градоначалникот, Советот и надлежните градски служби, но, според нивните сведоштва за порталот, одговор и конкретни мерки немало.

СДК.мк наведува дека на 16 октомври испратил прашања до Шаќири, кој до објавувањето на текстот не одговорил. Од Град Скопје ја упатиле редакцијата одговорите да ги побара од директорот.

Во меѓувреме, во МКЦ претстојат Ехо филм фестивал, Скопје филм фестивал, Млад отворен театар и Синедејс, а условите во кои ќе се одржуваат остануваат неизвесни.


Трн уште во септември побара одговори за разрешувањето на Шаќири

Трн на 1 септември, повикувајќи се на неофицијални извори, објави дека е во тек постапка за разрешување на Арбен Бени Шаќири од директорската функција во МКЦ. Редакцијата тогаш испрати прашања по електронска пошта до МКЦ и до градоначалникот на Скопје, но до денес не доби одговор. Информацијата за постапката за негово разрешување остана без официјална потврда, а Шаќири сè уште е директор на МКЦ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс