Заврши 7. Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество

Од првиот конгрес што се одржа во 1998 година во Охрид, па до ден-денес, овој настан останува еден од најголемите научни собири на еколозите во регионот

Над 180 излагачи и гости од регионот и 170 презентирани трудови и постер-презентации донесе седмиот Конгрес на еколозите на Македонија со меѓународно учество, што се одржа од 15 до 18 октомври во Струга, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД). 

Тематски организирани во шест пленарни предавања, постер-презентации, едукативна програма за деца и симпозиум на студенти биолози, претставените научни истражувања и сознанија ги отсликаа актуелните состојби и предизвици поврзани со загадувањето на воздухот, водата и почвата, биолошката разновидност и нејзината заштита, екосистемските услуги, шумарството и земјоделството, еколошката едукација и промените во екосистемите и животната средина, истовремено потврдувајќи ја неисцрпната истражувачка љубопитност и истрајност. 

„Дваесет и осум години по првиот Конгрес, сè уште сме тука, собрани поради нашата страст за екологијата, нашата љубопитност за природата и нашата посветеност да ја разбереме и заштитиме. За мене Конгресот е многу повеќе од научен собир. Тој е настан преку кој ја славиме посветеноста на генерации еколози кои придонесоа за еколошката наука во нашата земја и помогнаа да се обликува Македонското еколошко друштво во организацијата каква што е денес“, истакна Робертина Брајаноска, извршна директорка на МЕД на официјалното отворање на Конгресот. 

Осврнувајќи се на генерациите што ја граделе овдешната научна заедница, проф. д-р Славчо Христовски, претседател на МЕД, му го посвети обраќањето на проф. д-р Љупчо Групче, кој е еден од најзаслужните за востановувањето на Конгресот. „Професорот Групче ѝ беше доживотно посветен на природата. За жал, не го дочека седмото издание на Конгресот, но беше меѓу главните иницијатори да отпочне ваквата традиција! Човек кој директно придонесе за создавањето на неколку следни генерации еколози, чии истражувања ја поставија основата врз која подоцна порасна Македонското еколошко друштво“, истакна Христовски.

Официјалната програма започна со предавањата на проф. д-р Ирина Караџова од Институтот за општа и неорганска хемија при Бугарската академија на науките и со заедничката презентација на д-р Тијана Вучиќ и д-р Милена Цвијановиќ од Универзитетот во Белград и д-р Драган Арсовски од МЕД. Како професорка по аналитичка хемија со над 40 години академско и истражувачко искуство, Караџова зборуваше за извонредната способност за хиперакумулација на никел кај некои претставници на фамилијата зелковидни растенија и за можноста ваквите видови да се користат за реставрација на контаминирано земјиште. Тимот батрахолози, пак, ја претстави долгорочната теренска и експериментална студија  за мрморците, продлабочувајќи го нашето разбирање за еволуцијата, развојот и хибридизацијата на видовите. 

Во текот на Конгресот, пленарни предавања одржаа и д-р Тим ван дер Шрик кој преку примерот на Преспанското Езеро зборуваше за заштитата на природата среде климатска криза и д-р Јована Деветаковиќ, вонредна професорка на Шумарскиот факултет при Универзитетот во Белград, чие истражување за ранливоста на суша кај четири видови даб дава одлични насоки за зачувување и за одржливо управување со климатски отпорни шумски екосистеми. Проф. Панајотис  Димопулос од Универзитетот во Патра низ примери покажа зошто е неопходно техничката проценка на екосистемските услуги да се преточи во конкретни одлуки и трансформативно дејствување, а Боре Пуцоски, координатор на програми за образованиe во УНИЦЕФ, сподели зошто и како образованието за животната средина и климатските промени, освен во наставните програми, треба да се вгради и во стандардите за учење, политиките, професионалниот развој на наставниците и висококвалитетни наставни и образовни ресурси. 

Токму по неговото излагање, следуваше едукативната програма за деца, во чии рамки во хотелот „Дрим“ се собраа над 200 ученици од 14 основни училишта од целата земја. Како учесници во првата „Биомисија“ што МЕД неодамна ја спроведе преку Мрежата за искуствено учење (МИУ), тие ги претставија сознанијата за различните живеалишта и видови преку самостојно изработени постери, доловувајќи ја биолошката разновидност во нивните училишни дворови, но и на Шар Планина, во Преспа, селата Вакуф, Мушково и Крилатица, Чучер Сандево, Валандовската долина, Кочанска река и реката Кумановка, па дури и во пештерата Пешна. 

Особено инспиративен беше Симпозиумот на студентите биолози, којшто годинава донесе 18 фантастични излагања. Освен што е платформа каде што можат да ги претстават резултатите од сопствените истражувања, за студентите биолози Конгресот е и место каде што можат да разменат мислења, да запознаат колеги од регионот и пошироко и да добијат конструктивна критика од присутната научна фела. Нивното учество претставува своевидно продолжение на финансиската и на менторската поддршка што МЕД со години ја обезбедува преку Програмата за поддршка на млади еколози „Љупчо Меловски“.  


Од првиот конгрес што се одржа во 1998 година во Охрид, па до ден-денес, овој настан останува еден од најголемите научни собири на еколозите во регионот со фокус на еколошките истражувања во последните години. На овој начин, Македонското еколошко друштво останува доследно на зацртаната цел да го поддржува развојот на екологијата како наука и да нуди платформа за презентирање на работата на македонските еколози.

е-Трн да боцка во твојот инбокс