Плејстејшн 6 чини над 1.000 долари: Вештачката интелигенција ја поскапува и гејминг-индустријата

Плејстејшн 6 би можел да чини над 1.000 долари поради растот на цените на меморијата и чиповите. Инсајдер тврди дека само меморијата и складирањето ќе го чинат Сони 680 долари по конзола.

Кризата со мемориските чипови, поттикната од забрзаниот развој на вештачката интелигенција, ги зголеми цените на компјутерските компоненти, графичките картички и паметните телефони. Сега се појавуваат предупредувања дека поскапувањето може сериозно да влијае и врз следната генерација гејминг-конзоли.

Според процените што ги пренесува технолошкиот портал „Баг“, претстојниот „Плејстејшн 6“ (PlayStation 6) би можел да се продава за 1.000 долари или повеќе. Станува збор за шпекулации, а не за официјално објавена цена од „Сони“.

Само меморијата може да чини 680 долари

Проценката потекнува од хардверскиот инсајдер познат под псевдонимот Кеплер Ел Ту (KeplerL2), кој на форумот „НеоГАФ“ (NeoGAF) тврдел дека набавката на меморијата и просторот за складирање за секоја конзола би можела да го чини „Сони“ дури 680 долари.

Во таа сума не се вклучени другите важни компоненти, како процесорот, графичкиот чип, системот за ладење и матичната плоча.

Истиот инсајдер уште во јули проценил дека вкупните трошоци за производство на една конзола би можеле да достигнат околу 960 долари. Бидејќи цените на компонентите во меѓувреме продолжиле да растат, конечниот производствен трошок би можел да ја надмине границата од 1.000 долари.

Доколку овие процени се покажат точни, продажната цена би морала да ги покрие не само производствените трошоци, туку и дистрибуцијата и трговските маржи. Тоа би можело да ја направи конзолата значително поскапа од претходните генерации.

Некои аналитичари, според написот, шпекулираат дека цената би можела да достигне и 1.500 долари. Таквото поскапување, според одделни прогнози, би можело да ја намали продажбата на конзолите од новата генерација за речиси 40 проценти.

Како вештачката интелигенција влијае врз цената на игрите?

Еден од главните фактори е огромната побарувачка за мемориски чипови од центрите за податоци што ги поддржуваат системите за вештачка интелигенција.

Развојот на ВИ бара сè поголеми компјутерски капацитети, а со тоа и големи количества меморија и специјализирани полупроводници. Кога побарувачката расте побрзо од достапната понуда, производителите и купувачите се соочуваат со повисоки цени и ограничена достапност на компонентите.

Последиците не остануваат само во светот на серверите и суперкомпјутерите. Тие се прелеваат и во потрошувачката електроника, вклучително и во конзолите за видеоигри. Според актуелните трендови наведени во написот, не се очекува ситуацијата значително да се подобри во следната година или две.

„Сони“ сè уште не ја потврдил цената

Претседателот и извршен директор на „Сони“, Хироки Тотоки, неодамна изјавил дека сè уште не се донесени конечни одлуки за цената и точниот датум на претставување на „Плејстејшн 6“.

Компанијата внимателно ги следи пазарните услови и нестабилноста на цените на мемориските компоненти пред да одлучи како ќе ја позиционира следната конзола.

Во меѓувреме, се шират и шпекулации дека „Сони“ би можел да ја укине поддршката за физички дискови од 2028 година. Доколку тоа се случи, се отвора можност следниот „Плејстејшн“ да нема стандарден читач на дискови, но засега и ова не е официјално потврдено.


Ако прогнозите за цената се остварат, следната генерација гејминг-конзоли би можела да стане значително помалку достапна за пошироката публика. За љубителите на „Плејстејшн“, прашањето повеќе нема да биде само какви графика и перформанси ќе понуди новата конзола, туку и колку ќе треба да платат за да влезат во следната генерација игри.

е-Трн да боцка во твојот инбокс