Џони Штулиќ му одговори на Хус: Пaрни ваљак беше мртвороденче, тој не е композитор

По изјавата на основачот на загрепскиот бенд дека Штулиќ е генијалец, но лош човек, некогашниот фронтмен на Азра отвори стара расправија од седумдесеттите.

Фронтменот на некогашната култна рок група Азра, Бранимир Џони Штулиќ, испрати опширен и остар одговор до гитаристот на Парни ваљак, Хусеин Хасанефендиќ – Хус. Реакцијата доаѓа откако Хус во телевизиско гостување го нарече автор на врвни песни, но карактерно „лош човек“. Штулиќ во писмото целосно ги негира неговите композиторски способности и тврди дека загрепскиот состав во своите почетоци опстанал исклучиво благодарение на неговите песни.

Расправијата меѓу двајцата некогашни соработници и клучни фигури на југословенскиот нов бран повторно се разгоре по интервјуто на Хасанефендиќ во емисијата „Какодалогија“ на регионалната телевизија УНА. Зборувајќи за соработката кон крајот на седумдесеттите години, основачот на Парни ваљак изјави дека бендот свесно му дал простор и поддршка на Штулиќ бидејќи препознал автор со огромен талент.

Сепак, Хус додаде дека брзо дошло до раздвојување бидејќи Штулиќ барал само потврда за сопствените ставови и не прифаќал туѓо мислење, заклучувајќи дека не треба да се мешаат уметничкиот опус и личноста.

Одговорот на Штулиќ, објавен во српскиот весник Телеграф, донесе целосно спротивна верзија за нивните почетоци во Загреб. Тој го нарече Парни ваљак „мртвороденче“ пред нивната кратка соработка во 1979 година, кога групата ги сними неговите песни „Ја бих хтио да сам неко“ и „Јаблан“.

Според неговите тврдења, Хасанефендиќ со децении шири неточни приказни за нивниот однос, а притоа нема вистински авторски капацитет да напише автохтона песна без позајмици од други жанрови. Штулиќ со години живее повлечено во градот Хаутен во Холандија, каде што повремено преку писма и снимки на интернет полемизира со поранешните колеги и дискографските куќи околу авторските права и долговите од продажбата на плочите.


Судирот меѓу Штулиќ и Хасанефендиќ отвора увид во креативните и его-триења кои стојат зад некои од најпродаваните рок албуми на овие простори. Додека Парни ваљак по смртта на Аки Рахимовски продолжи со концертни турнеи и редовни настапи низ регионот, Штулиќ одбива секаков поврат на сцената и останува доследен на долгогодишната медиумска изолација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс