Античките Амазонки вечерва ќе оживеат на сцената на „Охридско лето“ преку балетскиот перформанс „Митот за Амазонките“ на грчката театарска и балетска компанија „АРТ денс“.
Претставата, која е дел од програмата на 66. издание на фестивалот, ќе биде изведена од 21 часот на сцената во Долни Сарај.
Митот претворен во движење
„Митот за Амазонките“ е танцов перформанс инспириран од античките грчки приказни за митската заедница на жени воини, за кои се верувало дека биле потомки на богот Арес и нимфата Хармонија.
Во митологијата, нивниот дом бил Темискира, на брегот на Црното Море, а биле познати како извонредни борци, вешти со меч, лак и стрела и рамноправни противници на мажите.
Претставата се задржува на два од најпознатите мита за Амазонките — кражбата на златниот ремен од страна на Херкулес и судирот меѓу Пентесилеја и Ахил.
Во приказната, Ахил ја убива Пентесилеја, но кога го симнува шлемот што ѝ го покрива лицето, останува вчудоневиден од нејзината убавина и се вљубува во неа.

Кореографија на Артемис Игнатиу
Режијата и кореографијата ги потпишува Артемис Игнатиу, која е и уметничка директорка на церемониите за палење и предавање на Олимпискиот пламен.
Музиката за „Митот за Амазонките“ е специјално компонирана за претставата, со што танцот и античката приказна се спојуваат во современо сценско доживување.
„АРТ денс“ е компанија со настапи на фестивали и сцени во Грција и во странство. Била официјален претставник на Грција на Танцовиот фестивал во Лимасол, а настапила и во Пекинг во рамките на Културната олимпијада.
„Митот за Амазонките“ првпат бил изведен во 2013 година, а подоцна гостувал на фестивали во Тунис, Кина и Албанија.
Вечерашната изведба започнува во 21 часот во Долни Сарај