Мировните преговори меѓу САД и Иран го нарушија воздушниот сообраќај во Цирих

Безбедносните мерки поврзани со мировните преговори меѓу САД и Иран предизвикаа нарушувања во воздушниот сообраќај во Цирих. Откажани се десетици летови, а дел од сообраќајот бил привремено блокиран.

Безбедносните мерки воведени поради мировните преговори меѓу САД и Иран во Швајцарија денеска предизвикаа проблеми во воздушниот сообраќај на аеродромот во Цирих, соопштија швајцарските воздухопловни власти.

Според контролата на воздушниот сообраќај „Скајгајд“, техничкиот проблем настанал поради вклучување на ограничена зона за летање во радарскиот систем над Бургеншток, швајцарското планинско одморалиште каде што се одржуваат преговорите меѓу американските и иранските претставници.

Одлуката за воведување на зоната била донесена во последен момент, бидејќи конечната потврда за одржување на новата рунда разговори пристигнала дури вчера. Надлежните соопштија дека проблемот во меѓувреме е целосно отстранет и дека воздушниот сообраќај повторно функционира нормално.

„Системите работат непречено, а безбедноста беше загарантирана во секој момент“, наведоа од „Скајгајд“.

Поради прекинот, до пладне биле откажани 12 пристигнувања и 14 полетувања, додека најмалку 60 летови биле одложени. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска пристигна во Бургеншток за разговорите со Иран, кои имаат цел да доведат до долгорочен мировен договор и решение за иранската нуклеарна програма.

Сепак, дипломатските напори беа засенети од најавата на Техеран дека повторно го блокира Хормускиот Теснец, еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта. Швајцарските власти претходно порачаа дека ќе обезбедат „дискретна и сигурна средина“ за одржување на преговорите во одморалиштето Бургеншток, кое се наоѓа на околу 50 километри јужно од аеродромот во Цирих.

е-Трн да боцка во твојот инбокс