Мирисот на нов автомобил е пријатен, но не секогаш безопасен

Мирисот на нов автомобил може да содржи испарливи хемикалии од пластика и други материјали. ADAC советува проветрување, особено во топли денови.

Мирисот на нов автомобил за многумина е дел од задоволството при купување возило. Но зад тој препознатлив мирис на пластика, кожа и нови материјали може да се кријат хемикалии што не треба да се игнорираат, предупредуваат германските експерти од ADAC.

Според истражување спроведено од ADAC и Fraunhofer Institute for Building Physics, во кабините на нови автомобили биле измерени зголемени концентрации на испарливи органски соединенија, познати како TVOC. Меѓу нив може да има формалдехид, бензен и ксилен, материи кои се ослободуваат од пластика, лепила, текстил и други материјали во внатрешноста.

Топлината го засилува проблемот

Во тестирањето биле анализирани повеќе нови модели, меѓу кои Hyundai Kona Hybrid, Dacia Spring, BYD Seal 6 Touring и Volkswagen Golf. Ниту едно возило не достигнало опасни нивоа, но сите модели ги надминале препорачаните референтни вредности на германската Агенција за заштита на животната средина.

Најголема концентрација била измерена во Volkswagen Golf стар само 39 дена. Кога возилата дополнително биле загревани, како кога стојат паркирани на сонце, нивото на хемикалии во воздухот дополнително се зголемувало.

Проветрувањето помага

Добрата вест е дека концентрацијата на овие материи значително се намалува со проветрување. Затоа експертите советуваат новиот автомобил, особено во топли денови, секогаш да се отвори и проветри пред возење.

ADAC предупредува дека силен и долготраен мирис на пластика во кабината не треба да се занемари. Ако непријатниот мирис трае со недели, возачите треба да го пријават проблемот кај продавачот на возилото.

Мирисот на нов автомобил можеби буди чувство на луксуз и свежина, но во лето може да стане и мал хемиски коктел во затворен простор. Затоа наједноставниот совет е и најкорисен: пред да тргнете, отворете ги вратите, спуштете ги прозорците и пуштете го воздухот да си ја заврши работата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс