Милиони верници го започнаа светиот аџилак со молитви за мир меѓу САД и Иран

Над 1,5 милиони муслимани пристигнаа во Мека под сенка на регионалниот конфликт, додека саудиските власти поставија противвоздушни системи за заштита на светите места.

Повеќе од 1,5 милиони муслимански верници од целиот свет го започнаа годишниот аџилак (Хаџ) во Саудиска Арабија, настан кој оваа година се одвива во сенка на длабока регионална криза и страв од ескалација на војната со Иран. Како што пренесува британскиот сервис BBC, официјалните саудиски власти потврдија дека во кралството веќе пристигнале околу 1,51 милион странски аџии, што е за 11.000 повеќе во споредба со минатата година. Овој рекорден одзив се случува и покрај сериозната загриженост поради тримесечниот воен конфликт меѓу САД, Израел и Иран, кој привремено е прекинат со кревко примирје, принудувајќи ги милионите верници на светите места да се молат за конечен сопирање на непријателствата.

Противвоздушна одбрана околу Мека како гаранција за безбедноста

Дека ситуацијата е исклучително сериозна покажуваат и вонредните безбедносни мерки преземени од страна на Саудиска Арабија. Пред да стапи на сила сегашното примирје минатиот месец, Иран лансираше масовни бранови од ракети и беспилотни летала врз Саудиска Арабија и нејзините соседи во Персискиот Залив, како одмазда за американските и израелските воздушни напади. Во тие напади на 8 март загинаа двајца цивили во градот Ал-Карџ, како и еден американски војник стациониран во блиската база. Поради тоа, саудиското Министерство за одбрана објави видеоснимки на кои се гледа како на периферијата на светиот град Мека се распоредени дополнителни батерии за противвоздушна одбрана со цел да се неутрализира каква било воздушна закана и да се осигури мирот на гостите.

Молитви за крај на војната на екстремни 45 степени Целзиусови

Првиот ден од Хаџот помина во знак на исклучително тешки временски услови, со температури кои достигнаа до 45 степени Целзиусови. Сепак, тоа не ги спречи верниците масовно да се упатат кон Големата џамија во Мека за да го извршат традиционалниот ритуал „таваф“, седумкратно кружење околу Куќата на Алах (Каба). Потоа, толпата се упати кон Мина, оддалечена пет километри, каде што ќе ја поминат ноќта во шатори пред да заминат кон планината Арафат, што се смета за врв на аџилакот. „Војната со Иран го засегна целиот свет. Никој не сака војни или штета за земјите и народите“, изјави за агенцијата АФП педесетгодишниот Мухамед Чахада од Египет, со надеж дека САД и Иран конечно ќе постигнат траен мировен договор.

Исполнување на животниот сон и покрај поскапените патувања

За многумина од присутните, доаѓањето во Саудиска Арабија оваа година претставуваше вистинско чудо, по неколкумесечната неизвесност, честите прекини во авиосообраќајот и драстичниот скок на трошоците за патување предизвикани од воената состојба. „Целиот мој живот, веќе 40 или 50 години, сакав да отидам на аџилак. И годинава мојот сон конечно се оствари“, вели 68-годишниот Џреиш Мухамед од Мароко. Хаџот е еден од петте столбови на исламот и претставува верска обврска за секој полнолетен муслиман кој е финансиски и физички способен да го направи патувањето барем еднаш во својот живот, а оваа генерација аџии ќе остане запаметена како една од најхрабрите што покажа дека верата и желбата за мир се посилни од воените тапани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс