Научници открија неочекуван извор на микропластика во кујната: го користиме секој ден

Ново истражување покажува дека кујнските сунѓери при секојдневно миење садови испуштаат микропластика во отпадните води, но најголем еколошки проблем останува потрошувачката на вода.

Кујнскиот сунѓер е еден од најчесто користените предмети во домот, но ново истражување покажува дека при секојдневното миење садови може да испушта ситни честички пластика, односно микропластика.

Истражувачи од Универзитетот во Бон испитувале дали сунѓерите испуштаат микропластика при редовна употреба. Резултатите покажале дека секој тестиран сунѓер со текот на времето губи дел од својот материјал, а малите пластични честички завршуваат во отпадните води.

За да добијат пореална слика, научниците комбинирале лабораториски тестови со податоци од домаќинства во Германија и Северна Америка. Тие користеле три различни видови сунѓери во секојдневното миење садови и бележеле како се употребуваат.

Во лабораторија, пак, истражувачите користеле автоматизиран систем наречен SpongeBot, кој го имитира механичкото трошење на сунѓерите при триење и чистење.

Според проценките, едно лице годишно може да испушти меѓу 0,68 и 4,21 грама микропластика, во зависност од типот на сунѓер што го користи. На прв поглед тоа не изгледа многу, но кога ќе се пресмета на ниво на цела држава, бројките стануваат значајни.

Авторите на студијата проценуваат дека доколку сите домаќинства во Германија користат една од анализираните видови сунѓери, годишно би можеле да се ослободат околу 355 тони микропластика. Иако системите за прочистување отпадни води задржуваат голем дел од овие честички, дел од нив сепак завршува во природата — во реки, езера, мориња и почва.

Сепак, истражувањето покажува дека микропластиката не е најголемиот еколошки проблем поврзан со рачното миење садови. Анализата на животниот циклус покажала дека најголемиот дел од влијанието врз животната средина, меѓу 85 и 97 проценти, доаѓа од потрошувачката на вода.

Со други зборови, начинот на кој ги миеме садовите може да има поголемо влијание врз животната средина отколку самиот сунѓер.

Научниците препорачуваат порационално користење вода при миење садови, избор на сунѓери со помал удел на пластика и нивна подолга употреба, сè додека се функционални и хигиенски исправни.

Иако кујнскиот сунѓер ретко се смета за голем еколошки проблем, ова истражување покажува дека и секојдневните предмети можат да имаат неочекувано влијание врз околината. Но, најголемата промена сепак почнува од едноставна навика — помала потрошувачка на вода при миење садови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс