Близу 50 илјади мигранти се вратија во Мароко по масовниот обид за влез во шпанската енклава Сеута. Кризата, поттикната од лажни ветувања за сместување и дозволи за престој, заврши со судири и трагичен биланс од 57 загинати лица. Додека луѓето се повлекуваат, италијанските и француските власти воведуваат вонредни заштитни мерки и ги појачуваат контролите на границите со Шпанија.
Излажаните мигранти се вратија на мароканска територија откако сфатија дека најавите за работа, сместување и добивање визи биле дезинформација. Според проценките на шпанската влада, вкупно 48.300 лица доброволно се повлекле во Мароко. Локалните власти во Сеута проценуваат се забележани и до 60 илјади обиди за премин, но во градот сега остана само помал дел.
Хуманитарниот биланс на границата изнесува 57 жртви. До трагедијата дојде по судирите меѓу мигрантските групи и мароканските безбедносни сили, со фрлање камења и обиди за пробивање на заштитните огради.
Властите во Мадрид и Сеута соопштија дека масовниот бран бил поттикнат од криумчарски мрежи кои прошириле погрешни информации за неодамнешна одлука на шпанскиот Врховен суд. Според оваа пресуда, мигрантите кои влегуваат по морски пат не можат автоматски да бидат протерани, за разлика од оние кои преминуваат преку копнените заштитни огради.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ги посети загрозените подрачја и најави итно воспоставување на привремен центар за тријажа и регистрација. Санчез порача дека сите лица кои немаат правен основ за престој во Шпанија ќе бидат вратени.
Кризата во Сеута предизвика брза реакција низ цела Европа. Италијанската премиерка Џорџа Мелони потврди дека нејзината земја привремено го суспендираше Шенгенскиот режим за Шпанија и воведе вонредни контроли на авионските и поморските граници. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани истакна дека оваа мерка е предвидена со европските договори и е неопходна за заштита на националната безбедност.
Франција исто така најави дека петкратно го зголемува бројот на полициски патроли на границата со Шпанија. Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека заштитата се појачува со дополнителни 334 полицајци, надзорни авиони и дронови за да се спречат евентуални секундарни мигрантски движења.