Компаниите Microsoft и AMD го проширија стратешкото партнерство, кое ќе опфати графички процесори (GPU), централни процесори (CPU), мрежни технологии и софтвер за платформата Microsoft Azure. Во рамки на проширувањето, Microsoft ќе го имплементира решението AMD Helios Rackscale за обработка на најсовремени модели на вештачка интелигенција и за поддршка на услугите Azure AI.
AMD најави дека Helios ќе започне да се испорачува во втората половина на 2026 година, вклучувајќи ја и платформата на Microsoft.
AMD Helios – нова инфраструктура за големи АИ модели
AMD Helios комбинира повеќе технологии на компанијата: графички процесори AMD Instinct MI455X, процесори AMD EPYC „Venice“, мрежни технологии Pensando и софтверската платформа ROCm.
Решението е дизајнирано како интегрирана серверска платформа за тренирање и користење на големи модели на вештачка интелигенција. На Azure, Helios ќе се користи за задачи поврзани со АИ-инференција – процес при кој веќе обучени модели генерираат одговори, анализи и предвидувања. Системот ќе биде наменет за Azure AI услуги и апликации развиени од корисниците.
Нови виртуелни машини со AMD EPYC процесори
Како дел од партнерството, Azure ќе додаде две нови серии виртуелни машини: Azure HDv2 – наменета за агенциска вештачка интелигенција и обработка на податочни процеси и Azure HXv2 – дизајнирана за проектирање и развој на полупроводници.
Двете серии ќе ги користат шестата генерација на процесори AMD EPYC „Venice“, со што Microsoft ќе го прошири портфолиото на решенија за АИ, анализа на податоци и инженерски задачи.
Борба за доминација во АИ инфраструктурата
Партнерството доаѓа во период кога побарувачката за инфраструктура за вештачка интелигенција расте со рекордно темпо. Развојните тимови ќе можат да користат AMD инфраструктура за тренирање и користење големи АИ модели, додека компаниите ќе можат полесно да ги скалираат своите АИ апликации преку услугата Azure Foundry Managed Compute.
Соработката ќе се прошири и на мрежниот слој на Azure. Microsoft и AMD ќе ги интегрираат технологиите Azure Boost и AMD Pensando DPU, со цел подобрување на мрежните перформанси, ефикасноста и обработката на податоци во облак инфраструктурата.
AMD и Microsoft ја зголемуваат конкуренцијата на АИ пазарот
Со растот на генеративната вештачка интелигенција, инфраструктурата за обработка на податоци станува клучно поле на конкуренција меѓу технолошките гиганти.
AMD и Microsoft најавуваат дека ќе продолжат да развиваат отворени и високоперформансни решенија што ќе им овозможат на корисниците поголема флексибилност, ефикасност и можност за развој на нови АИ технологии.