Microsoft укинува 4.800 работни места, најголемиот удар е врз Xbox

Новиот бран отпуштања во Microsoft опфаќа околу два проценти од глобалната работна сила на компанијата. Најголемите кратења се очекуваат во гејминг-секторот, каде Xbox влегува во една од најдлабоките реорганизации досега.

Microsoft повторно кратит работни места.

Компанијата соопшти дека укинува околу 4.800 позиции, што претставува приближно два проценти од нејзината глобална работна сила. Новиот бран отпуштања е дел од поширока реорганизација и намалување на трошоците, во период кога технолошкиот гигант вложува огромни средства во вештачка интелигенција и инфраструктура за AI.

Најсилно погоден е Xbox. Во гејминг-секторот треба да бидат укинати околу 3.200 работни места во текот на следната фискална година. Дел од отпуштањата почнуваат веднаш, а остатокот ќе следува постепено, како дел од планот за преструктурирање на бизнисот со видеоигри.

Ова е една од најголемите реорганизации во историјата на Xbox. Неколку студија за развој на игри ќе бидат издвоени, продадени или ставени под ревизија, што значи дека дел од нив би можеле да продолжат независно, под нови сопственици или во изменета форма.

Од Microsoft велат дека отпуштањата не се директно резултат на тоа што работните места ги заменува вештачката интелигенција. Сепак, компанијата признава дека начинот на работа се менува и дека автоматизацијата сè повеќе влијае врз организацијата на бизнисот.

„Нашиот бизнис се менува затоа што се менува светот околу нас“, стои во пораката до вработените.

Реорганизацијата доаѓа во време кога Microsoft се обидува да ја оправда огромната инвестиција во Activision Blizzard, вредна 68,7 милијарди долари, но и да го направи Xbox поодржлив во конкуренција со PlayStation и Nintendo.

Покрај Xbox, кратења ќе има и во комерцијалниот дел од работењето на Microsoft. Компанијата истовремено ги пренасочува ресурсите кон AI, облачни услуги и нови модели на работа со бизнис-клиенти.

За Microsoft, ова е уште еден знак дека технолошката индустрија влегува во фаза во која растот повеќе не значи само нови производи, туку и длабоко преструктурирање на работната сила.

За Xbox, пак, ова е тест дали една од најпознатите гејминг-марки во светот може да се врати на стабилен раст – без да ја изгуби креативната основа на која беше изградена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс