Со сослушување тројца сведоци денеска продолжи судењето против 13 полицајци и нивни надредени, обвинети за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во судницата присуствуваа и родители на загинатите.
Пред судот сведочеше Николче Ефремов, момче кое го преживеа пожарот и денеска е студент во прва година. Тој раскажа дека вечерта на 16 март 2025 година со двајца другари дошол на забавата во дискотеката и застанал во близина на бината.
Кога еден од пејачите преку микрофонот кажал дека избувнал пожар, Николче ги зел дуксерите на своите другари и ги ставил врз главата. На излезот веќе имало голема турканица и луѓето не можеле да ја напуштат дискотеката.
„Одеднаш нешто пукна и стана многу жешко“, кажа Ефремов.
Во паниката луѓето паѓале еден врз друг, а дел од ѕидот му паднал врз главата. Врз него завршиле и други посетители. Успеал да ја испружи раката, по што еден од неговите другари го извлекол од толпата.
Откако излегол, му помогнал на повредениот другар да стигне до болница. Наместо да остане таму, се вратил пред дискотеката за да им помогне на другите повредени.
Пред влезот затекнал многу млади луѓе како лежат на земјата. Заедно со другарот Бојан Гигов повторно влегол во објектот и се упатил кон тоалетите. Таму го пронашле нивниот другар Давид Костов, затрупан под други луѓе и со отежнато дишење.
Николче кажа дека побарал помош од униформиран полицаец кој се наоѓал во близина, но добил одговор дека спасувањето не било негова работа. Надвор од објектот видел и други полицајци.
Сведокот кажа и дека пред избувнувањето на пожарот забележал полицаец во цивилна облека. Подоцна разбрал дека во дискотеката се спроведувала полициска акција поврзана со дрога.
Според обвинението, полицајците кои вечерта вршеле контрола во „Пулс“ не презеле мерки за да го спречат активирањето на непријавената пиротехника на сцената. Обвинителството тврди дека тие не постапиле според прописите и мерките за заштита иако во објектот имало голем број посетители.
Тринаесеттемина полициски службеници и нивни надредени се товарат за тешки дела против општата сигурност. Обвинителството наведува дека планот за акциската контрола бил одобрен без целосна проверка на ризиците и обврските што биле во надлежност на полицијата.
Во пожарот во „Пулс“ на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Обвинетите имаат право на презумпција на невиност до донесување правосилна судска пресуда.