На целата територија на државата утре ќе важи жолт метеоаларм за високи температури, со дневни максимуми кои во одделни региони ќе го надминат соодветниот праг од 40 Целзиусови степени. Според Управата за хидрометеоролошки работи, веќе од недела следува постепено опаѓање на температурите, но и бран на локална нестабилност проследен со пороен дожд, грмежи и можност за изолирано невреме со силен ветер и град.
Прогнозата за сабота, 22 август, предвидува сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Во попладневните часови, претежно во планинските региони, се очекуваат првите услови за локален пороен дожд и појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Во Скопје времето ќе остане сончево и многу топло, со северозападен ветер.
Од недела, 23 август, следува поголема дестабилизација на атмосферата. Минималните температури ќе се движат од 14 до 22 степени, додека максималните ќе достигнат од 33 до 40 степени. Попладне наместа ќе има зголемена облачност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирани услови за невреме со силен ветер и град. Слична метеоролошка слика вештаците најавуваат и за понеделник, 24 август, кога максималната температура ќе падне во интервал од 31 до 38 степени.
Мерењата на УХМР покажуваат дека повеќето речни текови во земјава се на стабилно ниво, но со изразени ниски вредности типични за летниот период. Реката Вардар кај Скопје бележи ниво од 70 сантиметри, кај Велес е 44 сантиметри, а кај Демир Капија 116 сантиметри.
Кај природните езера, Дојранското Езеро бележи ниво од 145,11 метри, што е за 102 сантиметри под договорениот минимум, додека Преспанското Езеро кај Наколец е на кота од 841,66 метри. Охридското Езеро ја одржува котата од 693,53 метри.