Мета отпушта 8.000 луѓе, Цукерберг насочува илјадници кон вештачка интелигенција

Мета укинува околу 8.000 работни места и нема да пополни уште 6.000 отворени позиции, додека компанијата агресивно ги пренасочува ресурсите кон вештачка интелигенција.

Мета отпушта 10 отсто од својата работна сила, односно околу 8.000 вработени, во еден од најголемите резови во компанијата во последните години. Одлуката доаѓа како дел од поширока реорганизација со која Марк Цукерберг ја турка компанијата уште подлабоко во трката за вештачка интелигенција.

Според интерниот допис до вработените, Цукерберг порачал дека не очекува нови отпуштања на ниво на целата компанија до крајот на 2026 година. Но, формулацијата не ги смирила целосно вработените, бидејќи дел од нив стравуваат дека можни се дополнителни помали или секторски резови.

Реорганизацијата не завршува само со отказите. Околу 7.000 вработени ќе бидат префрлени на позиции поврзани со вештачка интелигенција, а Мета нема да пополни околу 6.000 претходно отворени работни места. Тоа ја покажува насоката во која оди компанијата: помалку луѓе во старите структури, повеќе ресурси за AI-производи, автоматизација и дата-центри.

Цукерберг во дописот ја нарекол вештачката интелигенција најважна технологија на денешницата и порачал дека компаниите што ќе ја водат оваа трка ќе ја одредат „следната генерација“. Мета за 2026 година планира капитални трошоци меѓу 125 и 145 милијарди долари, главно поради поскапи компоненти и дополнителни трошоци за дата-центри потребни за AI-инфраструктура.

Зад технолошкиот оптимизам, сепак, стои потешката страна на AI-трансформацијата: илјадници луѓе ја губат работата во компанија која истовремено инвестира рекордни суми во иднината. За вработените во САД се предвидени отпремнини, здравствена поддршка и помош околу имиграциски прашања, но пораката од Силициумската долина станува сè појасна: вештачката интелигенција веќе не е само нов производ, туку и причина за ново прекројување на работните места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс