Мета инвестира 13 милијарди долари во AI центар во Канада: Ќе троши струја колку 800.000 домаќинства

Мета инвестира 13 милијарди канадски долари во нов центар за вештачка интелигенција во Алберта. Објектот ќе троши струја колку 800.000 домаќинства и ќе има сопствена електрана.

Технолошкиот гигант Мета најави инвестиција од 13 милијарди канадски долари (околу 9,2 милијарди американски долари) за изградба на својот прв дата-центар во Канада, со кој компанијата дополнително го забрзува развојот на инфраструктурата за вештачка интелигенција.

Новиот центар ќе биде изграден во округот Стурџен, во канадската покраина Алберта, и ќе биде 33-ти дата-центар на Мета во светот. Објектот ќе има капацитет од еден гигават и ќе обезбедува компјутерска моќ за развој и функционирање на AI системите на компанијата. Она што најмногу привлекува внимание е неговата потрошувачка на електрична енергија. Според компанијата, центарот ќе троши приближно исто количество струја како 800.000 домаќинства, поради што Мета ќе финансира изградба на сопствена електрана и дополнителна енергетска инфраструктура.

За проектот, Мета ќе соработува со канадската компанија Pembina Pipeline, која ќе изгради нова гасна електрана „Greenlight Electricity Centre“. Таа треба да почне со работа кон крајот на 2030 година и ќе користи природен гас како главен извор на енергија. Изборот на Алберта не е случаен. Покраината располага со евтин природен гас, а нејзината постудена клима овозможува поефикасно и поевтино ладење на серверите и суперкомпјутерите што се користат за обработка на AI модели.

Сепак, проектот предизвика критики бидејќи се потпира на фосилни горива, што не е во согласност со новата национална стратегија на Канада за развој на вештачката интелигенција. Федералната влада неодамна препорача идните AI дата-центри да користат електрична енергија од обновливи и нискојаглеродни извори.

И покрај тоа, Алберта останува една од најатрактивните дестинации за големите технолошки компании, кои сè повеќе инвестираат во инфраструктура потребна за развојот на следната генерација на вештачка интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс