Аргентина и Австрија играат во Далас во второто коло од групата Ј, а Лионел Меси е на еден гол од апсолутниот рекорд на Мировлав Клосе.
Лионел Меси вечерва може да испише нова страница во историјата на фудбалот. Аргентина и Австрија од 19 часот во Далас го играат натпреварот од второто коло во групата Ј на Светското првенство, а славниот Аргентинец има можност да стане најдобар стрелец во историјата на мундијалите.
Двете репрезентации влегуваат во мечот по победи во првото коло. Аргентина на отворањето го совлада Алжир со 3:0, а сите три гола ги постигна Меси. Австрија, пак, беше подобра од Јордан со 3:1 и со тоа го забележа првиот мундијалски триумф по долго чекање.
По хет-трикот против Алжир, Меси стигна до 16 голови на светските првенства и се израмни со досегашниот рекордер, Германецот Мирослав Клосе. Клосе го постигна својот 16. гол на Светското првенство во 2014 година, во историската победа на Германија против Бразил од 7:1.
Само еден погодок против Австрија вечерва би бил доволен Меси да стигне до 17 гола и самостојно да застане на врвот на вечната листа на стрелци на светските првенства.
За Аргентина, натпреварот има и големо резултатско значење. Победа би ја приближила селекцијата до првото место во групата и би ја потврдила улогата на еден од главните фаворити на турнирот.
За Австрија, пак, самиот настап на Светското првенство по 28 години пауза е голем успех, но победата против Јордан покажа дека тимот нема намера да биде само учесник. Австријците вечерва ќе се обидат да направат изненадување против актуелниот светски шампион.
Сепак, фокусот повторно ќе биде на Меси. По титулата освоена во 2022 година, со која за многумина го заокружи статусот на еден од најголемите фудбалери на сите времиња, Аргентинецот сега има шанса да додаде уште еден историски рекорд во својата кариера.