Аргентина со неверојатен пресврт го совлада Египет со 3:2 во осминафиналето на Светското првенство 2026 во Атланта, а Лионел Меси по натпреварот целата заслуга ја препиша на својот тим. Иако беше еден од клучните играчи во големата победа, капитенот на светските шампиони повторно го стави колективот пред индивидуалниот успех.
Египет рано поведе, а проблемите за Аргентина се зголемија во 21. минута, кога голманот Мостафа Шубир го одбрани ударот на Меси од белата точка. Откако Египќаните ја зголемија предноста, изгледаше дека Аргентина е на работ од елиминација. Сепак, во завршницата следуваше спектакуларен пресврт.
Меси најпрво во 79. минута асистираше за првиот гол на Аргентина, потоа во 83. минута постигна гол за израмнување, а победата ја донесе Енцо Фернандез со погодок во 92. минута.
„Покажавме дека никогаш не се предаваме“
По натпреварот Меси истакна дека тимот повторно ја покажал својата најголема сила, борбеноста.
„Искрено, тоа што оваа екипа го направи денес е лудо. Успеаја да направат пресврт од 0:2 во елиминациски натпревар на Светско првенство, особено на турнир каде никој ништо не ти подарува“, изјави Меси.
Тој додаде дека е исклучително тешко да се пробие противник и да се постигне гол на вакво ниво.
„Оваа екипа уште еднаш покажа дека знае да се натпреварува, дека никогаш не се откажува и дека се бори до самиот крај. Денес ги отстранија сите сомнежи. Тоа е она што секогаш го покажуваат – борба до последната секунда“, порача аргентинскиот капитен.
Колку емотивна била победата покажува и реакцијата на селекторот Лионел Скалони, кој по натпреварот едвај ги задржал емоциите во разговорот со новинарите.
„Какви играчи се ова..“, кратко изјавил Скалони пред да го прекине интервјуто.
Аргентина со оваа победа обезбеди пласман во четвртфиналето и продолжува да ја брани титулата светски шампион.