„Мерцедес-Бенц“ воведува нови функции за автоматизирано возење во Германија и во Соединетите Американски Држави, соопшти компанијата во понеделникот. Под одредени услови на автопатиштата, возачите ќе можат да ги тргнат рацете од воланот при брзина до 130 километри на час, додека автомобилот самостојно ќе менува сообраќајни ленти, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Од компанијата велат дека новите можности ќе ги направат долгите патувања значително поудобни и помалку напорни. Сепак, возачите и понатаму ќе мора постојано да ја следат ситуацијата на патот и да бидат подготвени веднаш да ја преземат контролата врз автомобилот.
Новата функција треба да биде достапна во Германија до крајот на годинава, а во САД во текот на следната година.
Во 2027 година и систем за возење од почеток до крај на маршрутата
„Мерцедес-Бенц“ најави и дека таканареченото асистирано возење од точка до точка (point-to-point assisted driving) ќе биде достапно во двете земји во првата половина на 2027 година.
Системот ќе му помага на возачот во текот на целата активна навигација, вклучително и при возење низ градски сообраќај.
„Менувањето лента, престројувањето во десната лента, свртувањето на крстосници, како и запирањето и тргнувањето на семафорите ќе станат значително поедноставни“, соопшти компанијата.
Одбрани корисници во Калифорнија, Штутгарт и Минхен ќе можат да го испробаат системот уште следниот месец. Компанијата наведува дека достапноста на функциите ќе зависи од конкретниот пазар и моделот на автомобилот, а нивното воведување во понудата ќе се одвива постепено.
Новите можности ќе може да се додадат и преку безжично ажурирање на софтверот (over-the-air update), без потреба од посета на сервис.
„Мерцедес-Бенц“ засега не објави на кои модели ќе бидат достапни системите ниту колку ќе чинат. Дополнителните информации ќе бидат објавени пред почетокот на продажбата на одделните пазари.
