„Епл“ започнува големо истражување за да ги подобри алатките со вештачка интелигенција во здравството

Во истражувањето ќе учествуваат до 200.000 луѓе од САД. Целта е да се утврди колку одговорите на вештачката интелигенција на здравствени прашања се точни, разбирливи и корисни.

„Епл“ најави ново истражување чија цел е подобро да разбере како корисниците комуницираат со алатките со вештачка интелигенција наменети за давање здравствени информации.

Истражувањето се спроведува во соработка со компанијата „Опен евиденс“ (OpenEvidence), која развива платформа со вештачка интелигенција наменета за здравствени работници. Системот ги заснова одговорите на медицинска литература, вклучително и научни трудови објавени во реномирани стручни списанија.

„Епл“ планира да вклучи до 200.000 учесници од САД, кои мора да имаат најмалку 21 година. За учество е потребно да преземат посебна апликација, за која е неопходен „Ајфон 15 про“ или понов компатибилен модел со оперативниот систем иОС 26 или понова верзија.

Преку апликацијата корисниците ќе можат да поставуваат прашања поврзани со здравјето и да добиваат одговори формулирани на разбирлив јазик, со линкови до медицински извори што поминале стручна рецензија. Потоа ќе можат да оценуваат колку добиените одговори се точни, детални и корисни.

Интересно е што апликацијата не ја користи технологијата „Епл интелигенс“ (Apple Intelligence) и не е поврзана со гласовниот асистент Сири. Комуникацијата се одвива преку текст, иако корисниците можат да ги диктираат прашањата со помош на стандардната функција за диктирање на тастатурата на иОС.

При регистрацијата, учесниците ќе можат доброволно да дозволат пристап до податоците од „Епл хелткит“ (Apple HealthKit), како што се информации за физичката активност, спиењето и резултатите од лабораториските анализи.


На тој начин системот со вештачка интелигенција би добил дополнителен контекст за здравствената состојба на корисникот и би можел да дава поиндивидуализирани одговори, приспособени на неговите здравствени податоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс