Мерц со порака до Шпанија и Мароко: Контролирајте ја мигрантската криза во Сеута, ЕУ мора да ги заштити границите

Германскиот канцелар бара итно спроведување на европските правила за враќање на мигрантите, додека според шпанските власти за само 24 часа во Сеута пристигнале околу 49.000 лица.


Германскиот канцелар Фридрих Мерц побара Шпанија и Мароко итно да преземат решителни мерки за ставање под контрола на мигрантската криза во шпанската енклава Сеута. Тој оцени дека заштитата на надворешните граници на Европската Унија е клучна за спречување на илегалната миграција.

„Заштитата на надворешните граници на Европската Унија е клучна за сузбивање на илегалната миграција. Јасно очекувам сите земји членки на ЕУ да ја исполнат оваа обврска. Во врска со ова прашање сме во постојан контакт со шпанската влада“, се наведува во соопштението на германската влада.

Мерц истакна дека Шпанија мора што е можно побрзо да ја стави ситуацијата во Сеута под контрола.

„Ја поздравувам намерата на Шпанија да не дозволи илегалните мигранти да влезат на европскиот континент. Воедно очекуваме Мароко веднаш да ги прифати назад лицата кои нелегално ја преминале границата“, порача германскиот канцелар.

Тој ја поздрави и поддршката што ја дадоа Европската комисија и еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер.

Според Мерц, европската регулатива за враќање на мигрантите, усвоена во јуни, треба веднаш и целосно да се применува.

Во меѓувреме, шпанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека, според прелиминарните проценки, околу 49.000 мигранти пристигнале во Сеута по копнен и морски пат од Мароко во последните 24 часа.

И покрај тоа што Шпанија и Мароко ги засилија безбедносните мерки долж границата, илјадници луѓе и натаму се обидуваат да влезат во енклавата. Според шпанските медиуми, бројот на загинати мигранти при обидот за преминување на границата се искачил на 27.

Мигрантската криза во Сеута повторно ја отвори дебатата во Европската Унија за заштитата на надворешните граници, враќањето на нелегалните мигранти и можните дополнителни мерки за справување со зголемениот миграциски притисок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс