На 20 јули се одбележува Меѓународниот ден на Месечината, посветен на нејзиното значење за човештвото, науката и технолошкиот развој.
Датумот е избран во чест на првото човечко слетување на Месечината на 20 јули 1969 година, кога астронаутите од мисијата „Аполо 11“ стапнаа на нејзината површина.
Обединетите нации наведуваат дека денот е можност да се потсетиме на улогата на Месечината во природниот свет, но и да се подигне свеста за важноста од безбедно и одржливо истражување на нејзината површина.
Месечината е стара околу 4,5 милијарди години
Според најприфатената научна теорија, Месечината се формирала од остатоци настанати по огромен судир меѓу Земјата и небесно тело со големина слична на Марс.
Нејзината површина, исполнета со кратери, планини и рамнини создадени од лава, била обликувана во текот на милијарди години преку удари на други небесни тела и вулканска активност.
Секоја година се оддалечува за 3,8 сантиметри
Месечината постепено се оддалечува од Земјата со брзина од околу 3,8 сантиметри годишно.
На нејзината површина се забележуваат и екстремни температурни разлики. Во текот на ноќта температурата може да падне до минус 173 степени Целзиусови, додека во текот на денот може да се искачи до 127 степени.
На Месечината се случуваат и таканаречени „месечински потреси“, предизвикани, меѓу другото, од плимните напрегања што ги создава гравитациското влијание на Земјата.
Канцеларијата на Обединетите нации за вселенски прашања ја поддржува меѓународната соработка во безбедното и одржливо истражување на Месечината, која и повеќе од половина век по првото човечко слетување останува една од главните цели на вселенските мисии.