Меѓународна агенција за енергија- светот се соочува со најголемиот прекин на снабдување со нафта во историјата

Според последниот месечен извештај на МАЕ, светот во моментов се соочува со најголемиот прекин на снабдување со нафта во историјата.

Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) предупреди на енергетски шок бе зпреседан, глобалното производство на нафта се урна за повеќе од 10 милиони барели дневно во март, додека дипломатските напори меѓу Вашингтон и Техеран сеуште не дале резултат.

Според последниот месечен извештај на МАЕ, светот во моментов се соочува со најголемиот прекин на снабдување со нафта во историјата.

Блокадата на Ормускиот теснец го намали протокот на нафта од 20 милиони барели дневно во февруари на само 3,8 милиони во почетокот на април. Тоа ги притисна цените на суровата нафта Северно море до 130 долари за барел, додека агенцијата очекува глобалната побарувачка да се намали за 80.000 барели дневно во текот на целата 2026 година, драматичен пресврт во однос на претходните прогнози за раст.

Фјучерс цените на Брент и WTI во моментот на пишување се движат околу 96–98 долари за барел, но физичкиот пазар за непосредна испорака покажува екстремна затегнатост со товари кои се тргуваат 20–30 долари над референтните вредности.

Примирјето не го смири пазарот

Двонеделното примирје меѓу САД и Иран донесе мало олеснување, но МАЕ останува претпазлива. Агенцијата нагласува дека е сосема неизвесно дали оваа пауза ќе резултира со трајно решение или враќање на нормалниот проток на бродови.

Американскиот претседател Доналд Трамп по неуспешните преговори изјави дека Иран „не е подготвен да се откаже од своите нуклеарни амбиции” и го обнови притисокот со порака дека „подобро брзо да го отворат тој меѓународен пловен пат”.

Претстојната американска блокада на бродови кои влегуваат во ирански пристаништа дополнително го зголемува ризикот. Без трајно мировно решение, МАЕ предупредува дека светот мора да се подготви за сценарио на „продолжен конфликт” со уште потешки нарушувања на енергетските пазари во второто полугодие.

Производството на ОПЕК+ во слободен пад

Физичкото влијание на конфликтот е најочигледно во производствените податоци на ОПЕК+ алијансата. Вкупното производство на групата падна за 9,4 милиони барели дневно само во март.

Саудиска Арабија, највлијателна членка, го намали производството од 10,4 милиони барели дневно во февруари на 7,25 милиони во март. Уште подраматична е состојбата со Ирак, чие производство падна од 4,57 на 1,57 милиони барели дневно, загуба на речиси две третини од капацитетот. Кувајт бележи пад од 2,54 на 1,19 милиони барели дневно.

Иако дел од извозот е пренасочен преку западниот брег на Саудиска Арабија и нафтоводот до Турција, алтернативните патишта достигнуваат само 7,2 милиони барели дневно, далеку под потребите на глобалниот пазар.

Уништување на побарувачката и рекордни цени

Недостигот на суровини предизвика она што МАЕ го нарекува „уништување на побарувачката”, особено во петрохемискиот и авијацискиот сектор. Само во април, глобалната побарувачка за нафта дополнително падна за 2,3 милиони барели дневно.

Азиските петрохемиски производители се принудени да ги намалат операциите поради недостиг на суровини, а откажувањето летови низ Европа и Азија предизвика нагол пад во потрошувачката на авионско гориво. Рафинериите кои не се директно засегнати се справуваат со рекордно високи трошоци. Во Сингапур, цената на средните дестилати достигна историски максимум над 290 долари за барел.

Залихите се топат

Глобалните набљудувани залихи на нафта паднаа за 85 милиони барели во март. МАЕ притоа истакнува загрижувачко географско „раскинување”, додека залихите во азиските земји увознички паднаа за 31 милион барели, оние во Блискиот исток и Кина всушност пораснаа, заробени зад блокадата или чувани на танкери во отворено море. Очекувањата на агенцијата се јасни: без трајно решение, светот влегува во нова енергетска реалност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни