„Меѓу нас“: Горан Костовски – Индог отвора изложба за животот и емпатијата

Осмата самостојна изложба на Индог преку илустрации, платна и графики зборува за емпатијата, надежта, менталното здравје и колективната грижа.

На 3 јуни, со почеток во 18 часот, во Мобилната галерија во Паркот на Франкофонија ќе биде отворена изложбата „Меѓу нас“ на Горан Костовски – Индог. Ова е негова осма самостојна изложба, замислена како визуелна приказна за емпатијата, надежта, менталното здравје и колективната грижа.

Проектот произлегува од неговото долгогодишно истражување на темата „Славење на животот“, започнато во 2011 година, а во оваа фаза се фокусира на љубовта, поврзувањето и грижата како мали, но суштински двигатели на подобра иднина.

Преку илустрации, платна и графики создадени во последниве години, „Меѓу нас“ ја истражува емоционалната состојба на човекот и неговата врска со природата и заедницата. Цветот се појавува како централен мотив и симбол на раст, ранливост и трансформација, носејќи различни состојби, од љубов и радост, до тага и надеж.

Изложбата отвора и прашања за менталното здравје како заедничка одговорност. Наместо да го третира како индивидуална тишина, проектот го поставува во простор на дијалог, солидарност и припадност, каде што уметноста станува начин за поврзување и можност за промена.

Горан Костовски – Индог е илустратор, дизајнер, уличен уметник, диџеј и активист. Во својата работа ги спојува визуелната уметност, музиката и активизмот, а зад себе има бројни соработки со организации, компании и уметници. Во 2011 година ја основа DIY, како и унисекс етикетата Celebrate Life, платформа за позитивни пораки и урбана култура. Од 2020 година го води и подкастот посветен на менталното здравје, со над 100 реализирани епизоди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс