Меѓаши награди две училишта за 15 години градење мир во училниците

Гимназиите од Скопје и Виница добија признанија и по 1.000 евра за долгогодишна ненасилна комуникација меѓу учениците.

Детската амбасада Меѓаши денеска во Скопје им додели специјални признанија на средните училишта „Ванчо Прке“ од Виница и „Зеф Љуш Марку“ од Скопје. Наградите се доделуваат по повод 15 години од Програмата за мировно образование, за континуиран придонес кон создавање безбедна и инклузивна училишна средина. Покрај признанието, двете образовни установи добиваат и парична награда од по 1.000 евра во денарска противвредност и спомен-табли на влезовите од училиштата.

Иницијативата започна во 2011 година со само три училишта. Денес мрежата опфаќа 75 образовни установи со над 350 обучени наставници и повеќе од 8.500 ученици низ целата земја. Признанијата за скопската и виничката гимназија се благодарност до професорите, директорите и стручните служби кои со години практикуваат дијалог наместо конфликт.

„Мирот не е даден, мирот се гради“, порачуваат од Меѓаши. За нив овие две училишта докажале дека културата на мир не претставува само теоретска наставна тема, туку секојдневна практика во училниците и училишните дворови.

Одбележувањето на Меѓународниот ден на мирот по доделувањето на признанијата се сели на плоштадот „Македонија“. Околу 70 ученици од скопските основни и средни училишта организираат јавна мировна акција со транспаренти.

Во рамки на настанот, Социјалниот танц театар изведува перформанс со средношколци од СОУ „Гостивар“ и СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје. Фокусот на сцената е насочен кон отпорот против врсничкото насилство и личната одговорност за општествена промена.

Програмата продолжува утре и задутре со меѓународна размена на искуства во хотелот „Холидеј Ин“. Во Скопје пристигнуваат просветни работници од основни училишта од босанските градови Ливно и Коњиц, преку партнерската организација „Сезам“. На тркалезните маси ќе учествуваат и мировни активисти од Србија, Косово и земјава, со фокус на практичните предизвици при сузбивањето на агресијата во современите училишта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс