Шумските пожари во Европа ослободуваат енергија како неколку атомски бомби

Пожарите во јужна Европа стануваат толку интензивни што создаваат сопствени временски системи и го надминуваат капацитетот за гаснење.
Фото: EPA/SDIS33

Европскиот континет се соочува со нов феномен на шумски пожари од катастрофални размери, кои поради екстремната топлина и суша ослободуваат огромна енергија и не можат да се стават под контрола со стандардни противпожарни методи. Експертите предупредуваат дека климатските промени ја менуваат динамиката на пожарите, претворајќи ги во стихијни мегапожари што уништуваат илјадници хектари за само неколку часа.

Борбата со новите екстремни пожари во Европа ја преминува границата на човечките и технолошките можности. Современите шумски пожари, особено во медитеранскиот регион, развиваат толку високи температури што водата исфрлена од противпожарните авиони испарува пред да стигне до земјата. Експертите укажуваат дека кога пожарот ќе достигне критична маса, тој почнува да генерира сопствени ветрови и пирокумулонимбус облаци, што дополнително го поттикнува неговото ширење.

Пожарникарските служби ширум Европа признаваат дека досегашната стратегија на директно напаѓање на огнот веќе не дава резултати кај мегапожарите. Енергијата што се ослободува при ваквите согорувања се споредува со ефектот на неколку атомски бомби, што го прави пристапот на терен речиси невозможен. Ситуацијата бара итна промена во управувањето со шумите, контролирано горење на сува вегетација во зимските месеци и подобро планирање на просторот за да се спречи акумулирање на сув материјал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс