Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, излезе со досега најжестока ескалација во односите меѓу Москва и Берлин, упатувајќи директни воени закани кон германска територија.
Преку објава на социјалната мрежа Телеграм, Медведев се закани со директни воени напади врз германските фабрики за одбрана кои произведуваат оружје за Украина. Неговата реакција следува откако германските власти и официјално ги обвинија руските државни служби за обидот за саботажа со дронови и воен експлозив на аеродромот во Лајпциг.
Медведев ја отфрли германската истрага за инцидентот, нарекувајќи ја измислен чин на саботажа. Тој дополнително предупреди дека Русија би можела да земе предвид и гаѓање на инфраструктурни објекти во самиот Берлин, како и таргетирање на европски претставници кои патуваат со воз кон Киев.
Оваа реторика претставува дополнително заострување на кризата, откако Германија претходно веќе презеде дипломатски противмерки, затворајќи го рускиот конзулат во Бон и раскинувајќи го договорот за објектот „Руски дом“ во Берлин.