Во чест и сеќавање на проф. д-р Љупчо Меловски, доајен на еколошката наука во земјава, Македонското еколошко друштво го организира шестиот Меморијален марш „До Китка во сеќавање на Љупчо Меловски“ што ќе се одржи на 26 април (недела) во соработка со Планинарскиот клуб „Љуботен“ – Тетово.
Проф. д-р Љупчо Меловски беше научник, професор и голем вљубеник во планините. Човек со уникатна страст за заштита на природата од кого учеа многу млади еколози, човек кој има дадено исклучителен придонес за развојот на еколошката наука во Македонија. Тој беше и долгогодишен претседател на Македонското еколошко друштво и активен член и поддржувач на ПК „Љуботен“.
Токму затоа, во негово сеќавање, секоја година организираме меморијален марш отворен за сите заинтересирани и заедно се искачуваме до Китка – една од првите планини што ги посетил и планината на која го заврши својот животен пат.
Искачувањето кон врвот Китка претставува средно тешка планинарска тура којашто ќе започне во 7.30 часот наутро, од селото Горно Количани, општина Студеничани, на надморска височина од 750 метри.
Околу 9.30 часот се очекува групата да пристигне кај спомен-плочата посветена на проф. д-р Меловски, по што се продолжува низ шумски појас до планинарскиот дом „Китка“. Пристигнувањето на врвот Китка, на 1568 метри надморска височина, е планирано за 11.30 часот, по што следува одмор и симнување. Настанот треба да заврши околу 15.30 часот, со враќање во селото.
Со оглед на тоа што станува збор за патека долга 18 км, при што во еден правец се искачуваат околу 700 метри во период од 4 часа, сите учесници треба да бидат во добра здравствена и психофизичка кондиција и да имаат соодветна планинарска опрема за пролетни услови. Исхраната е во сопствена режија, индивидуално предвидена за планинарска тура до 8 часа.
Македонското еколошко друштво и Планинарскиот клуб „Љуботен“ не одговараат за последиците кои би се случиле надвор од оваа програма. Сите заинтересирани може да добијат повеќе информации на 078 393 436 и на социјалните мрежи на Македонското еколошко друштво.