Масовно пукање на фестивал во Сиетл: Двајца загинати, меѓу повредените и двегодишно дете

Две лица загинаа, а најмалку петмина се повредени во масовно пукање на фестивалот „Bite of Seattle“ во Сиетл. Меѓу повредените е и двегодишно дете, а полицијата води истрага.

Две лица загинаа, а најмалку петмина се повредени во масовно пукање што се случи во неделата вечер по локално време на популарниот фестивал на храна „Bite of Seattle“ во комплексот Seattle Center во американскиот град Сиетл, јавува Би-Би-Си.

Меѓу повредените е и двегодишно момче, кое е пренесено во болница и се наоѓа во стабилна состојба. Полицијата соопшти дека станува збор за инцидент со повеќе жртви и ги повика граѓаните да го избегнуваат подрачјето додека трае истрагата. Според противпожарната служба на Сиетл, две лица починале на местото на нападот. Во болница се пренесени 56-годишна жена, која е во тешка состојба, 39-годишна жена, 23-годишен маж и двегодишното дете, кои се во стабилна состојба. Уште една 40-годишна жена се здобила со полесни повреди, но одбила болничко лекување.

Пукањето се случило околу 18 часот по локално време, за време на годишниот фестивал што привлекува стотици илјади посетители. Сведоци раскажале дека најпрво помислиле дека станува збор за огномет, но потоа слушнале повеќе истрели, по што настанала паника.

„Сите одеднаш почнаа да бегаат“, изјавил еден посетител, додека продавач на фестивалот рекол дека видел родители како ги земаат своите деца и трчаат кон излезите. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат луѓе како прескокнуваат огради и бараат засолниште во близина на кулата Space Needle.

На местото биле распоредени голем број полицајци и екипи на итната медицинска помош. Медицинскиот центар Harborview, каде што се згрижени дел од повредените, воведе делумна блокада за да ги заштити жртвите и нивните семејства. Полицијата соопшти дека истрагата е во тек и засега нема информации за можни осомничени. Поради инцидентот, до понеделник наутро беше прекинат и сообраќајот на монореилската линија што минува низ Seattle Center.

е-Трн да боцка во твојот инбокс