Руските сили извршија голем комбиниран напад со ракети и беспилотни летала врз украинската престолнина Киев и околината во ноќта меѓу 23 и 24 мај, при што беа погодени станбени згради и инфраструктура низ целиот град. Според локалните власти, во нападот загинало најмалку едно лице, а 24 се повредени.
Штети низ целиот град Киев
Новинари од Киев Индипендент јавуваат дека серијата експлозии започнала околу 1 часот по полноќ по локално време, а потоа продолжила во повеќе бранови меѓу 3 и 5 часот наутро. Воздушните тревоги биле активирани низ цела Украина, а украинските воздухопловни сили соопштиле дека кон Киев биле лансирани десетици ракети и стотици дронови.
Паралелно, била издадена и предупредувачка информација за можно лансирање на руска балистичка ракета со среден дострел „Орешник“.
Уништувања во сите делови на градот
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека штети се регистрирани во секој градски кварт.
Според официјалните податоци најмалку една жртва во Киев, 21 до 24 повредени (од кои дел се хоспитализирани) и оштетени најмалку седум станбени згради. Погодени се квартовите Оболонски, Шевченковски, Днепровски, Голосеевски, Соломенски и Печерски.
Нападите оштетиле и супермаркети, трговски центри, деловни објекти, студентски домови, бензински пумпи, гаражи и магацини и голем број паркирани возила. Пријавен е и голем пожар во близина на метро-станицата Контрактова Плошча, а оштетено е и седиштето на украинската пошта „Укрпошта“.
Напади и надвор од главниот град
Во Киевската област се повредени уште три лица, а оштетени се објекти во повеќе населени места, меѓу кои Буча, Бровари, Белa Црква и Бориспил. Експлозии биле пријавени и во Черкаси и Кропивницки, како и во Хмељничката област.
Полските вооружени сили соопштија дека поради нападот биле подигнати борбени авиони на Полска и сојузничките сили за заштита на воздушниот простор.
Предупредувања пред нападот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија подготвува голем комбиниран напад врз земјата, вклучувајќи и можно користење на ракети „Орешник“. Слично предупредување претходно издаде и американската амбасада во Киев, наведувајќи можност за значителен воздушен напад.
Русија, според украинските и западните извори, претходно го користела системот „Орешник“ во нападите врз украинска територија во 2024 и 2025 година.