Мажите во Европа сакаат пилула за контрацепција, пазарот доцни со години

Истражување во седум држави покажува подготвеност за споделување на одговорноста, но недостигот на фармацевтски инвестиции го кочи пласманот на новите методи.

Повеќето мажи во седум европски земји би прифатиле машка контрацепција доколку таа стане достапна на пазарот, покажува новото меѓународно истражување објавено од Јуроњуз (Euronews). Иако повеќе од половина испитаници сакаат да користат нови методи уште во првата година од одобрувањето, производите нема да се појават на полиците во брзо време. Главната причина за застојот не е недостигот на интерес, туку отсуството на приватни фармацевтски инвестиции во клиничките испитувања.

Анкетата опфати 14.000 мажи во Германија, Франција, Италија, Полска, Шведска, Турција и Обединетото Кралство. Во сите испитани средини над 50 отсто од мажите потврдиле подготвеност да почнат со заштита во рок од 12 месеци откако производот ќе добие официјална дозвола.

Интересот варира од 55 проценти во Шведска и Данска до 69 проценти во Британија. Само девет отсто од вкупниот број испитаници рекле дека никогаш не би користеле ваков производ. Британците покажуваат најмал отпор, каде само десеттина ја отфрлаат идејата, додека во Италија и Франција тој удел изнесува 17 отсто.

Во моментов мажите имаат избор сведен единствено на кондоми и вазектомија. Истовремено, во различни лабораториски и клинички фази се развиваат осум нови производи: таблети за дневна употреба, пилула што се пие непосредно пред однос, хормонален гел, хидрогел за привремена блокада на семеноводите и термички силиконски прстен.

Најголем интерес кај испитаниците предизвикува нехормоналната пилула што се зема половина час пред сексуален однос, по што следи секојдневната таблета. Во Франција и Германија околу 12 проценти од мажите би избрале реверзибилен хидрогел кој физички го спречува протокот на сперматозоиди. Силиконскиот прстен, кој со загревање на тестисите го намалува создавањето сперматозоиди, има поголема поддршка кај мажите во Турција.

Главната пречка за пласман не е технологијата, туку финансирањето. Развојот речиси целосно зависи од донации и јавни фондови.

„Полето на контрацепција веќе 30 години се финансира речиси исклучиво преку филантропскиот и јавниот сектор. Фармацевтската индустрија едноставно сè уште не е вклучена во тој процес“, вели Хедер Вахдат, извршна директорка на непрофитната организација „Иницијатива за машка контрацепција“ (Male Contraception Initiative).

Мажите кои бараат брз пристап до овие средства наведуваат две основни причини: лична контрола врз репродукцијата и олеснување на товарот што со децении паѓа главно врз жените. Кондомите остануваат најкористена машка заштита, но податоците покажуваат дека само половина од корисниците ги применуваат при секој однос.

Светската здравствена организација (СЗО) истовремено објави нови насоки со кои бара проширување на репродуктивните решенија за мажи, со фокус на три правци: запирање на производството на сперматозоиди, намалување на нивната подвижност и механичко блокирање на семеноводите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс