Маск најави ВИ верзија на Одисеја по критиките за Нолан

Илон Маск планира филмска верзија на Хомеровиот еп со помош на својата алатка Grok Imagine до крајот на 2026 година, како одговор на филмот во кој глуми Мет Дејмон.

Најбогатиот човек на светот Илон Маск најави дека неговата алатка за вештачка интелигенција Grok Imagine ќе создаде долгометражна, „историски точна“ адаптација на Хомеровата „Одисеја“ до крајот на 2026 година. Оваа објава доаѓа по неговите критики за неодамнешниот филм на Кристофер Нолан, кој оствари одлични резултати во киносалите и во кој главната улога ја толкува Мет Дејмон.

Најавата на Маск уследи откако на социјалната мрежа Х беше објавено триминутно видео генерирано од корисникот Heavy Pulp со помош на алатката Grok Imagine. Според порталот Deadline, видеото прикажува сцена со Одисеј и нимфата Калипсо, снимена во еден непрекинат кадар.

„До крајот на 2026 година, Grok Imagine ќе направи долгометражен филм ‘Одисеја’ кој ќе биде историски точен и верен на Хомеровото дело,“ напиша Маск на својата платформа. Засега нема детали што точно подразбира неговата дефиниција за „историски точна“ адаптација на еден митолошки еп од осмиот век пред новата ера.

Потегот на Маск следи по серија негови критики упатени кон филмот „Одисеја“ во режија на Кристофер Нолан, кој започна да се прикажува на 17 јули. Во пресрет на премиерата, Маск го обвини Нолан дека е „анти-бел расист“ и дека го изгубил својот „интегритет“ откако ја доделил улогата на Елена Тројанска на актерката Лупита Нионго.

Маск исто така поддржа трансфобични објави насочени кон актерот Елиот Пејџ, кој во филмот на Нолан го игра грчкиот војник Синон, иако дел од корисниците на социјалните мрежи погрешно тврдеа дека Пејџ ја добил улогата на Ахил.

Нолан ги отфрли овие критики пред излегувањето на филмот.

„Никој кој ги води тие расправи уште не знае каков е филмот всушност. Она што морате да го направите е на оригиналниот текст да му укажете почит така што ќе го протолкувате на најсилниот начин на кој лично умеете,“ изјави режисерот, оценувајќи ги коментарите како неважни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс