Масакр во САД: убиени осум деца во Луизијана, напаѓачот ликвидиран од полицијата

Осум деца на возраст од една до 14 години се убиени во масовно пукање во градот Шривпорт, во американската сојузна држава Луизијана, во трагичен инцидент што властите го третираат како случај на семејно насилство. Осомничениот, идентификуван како Шамар Елкинс, подоцна бил убиен од полицијата по потера со возило.

Според информациите од полицијата, телата на седум деца биле пронајдени во куќата, додека осмото било застрелано додека се обидувало да избега преку покривот. Дел од жртвите живееле во домот и биле во роднинска врска со напаѓачот.

Настаните започнале кога осомничениот прво застрелал жена, по што се упатил неколку улици подалеку до куќата каде што престојувале децата. Полицијата го опиша местото на злосторството како „неверојатно страшно“.

Пукањето се случило во раните утрински часови, по 6 часот, а според првичните информации, најмалку 10 лица биле застрелани, без прецизни податоци за состојбата на преживеаните.

По нападот, осомничениот украл возило и се обидел да избега, но бил застрелан од полицијата за време на потера што се проширила и во соседната област Босиер. Истрагата за инцидентот ја водат локалните власти во Соединетите Американски Држави.

Градоначалникот на Шривпорт, Том Арсено, изјави дека станува збор за „најтрагичниот настан во историјата на градот“, додека сенаторот од Луизијана Сем Џенкинс повика на поголеми ресурси за спречување на семејното насилство.

„Ако имаме лица со историја на семејно насилство, мора да обезбедиме континуирана поддршка и интервенција за да се спречат вакви трагедии“, изјави Џенкинс.

Според податоците на Регистарот за оружено насилство, оваа година во Соединетите Американски Држави се регистрирани најмалку 119 масовни пукања, во кои загинале 117 лица, меѓу кои 79 деца, додека 458 лица се повредени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни