Засилување на одбраната: Манчестер Сити потпиша спонзорски договор со бренд кондоми

Познатиот бренд, Дурекс, стана регионален партнер на клубот за Кина, а навивачите веднаш порачаа дека вистинска заштита му треба на голот.

Англискиот фудбалски клуб Манчестер Сити објави повеќегодишно спонзорство со брендот за контрацепција „Дурекс“. Според договорот со компанијата „Рекит“, брендот стана официјален партнер на клубот за здравје и благосостојба на кинескиот пазар. Оваа комерцијална соработка веднаш предизвика бран иронични коментари и шеги на социјалните мрежи, каде што навивачите на клубот го поврзаа концептот на заштита со ранливоста на сопствената одбрана пред почетокот на новата сезона во Премиер лигата.

Според официјалното соопштение на клубот, соработката со „Дурекс“ опфаќа дигитални кампањи насочени кон промоција на здрав начин на живот кај публиката во Кина. Извршниот директор на „Сити фудбал груп“ за Кина, Дејвид Танг, изјави дека станува збор за водечки бренд со долгогодишна посветеност кон позитивни животни навики. Маркетинг тимовите на двете страни најавија заеднички содржини и промоции прилагодени за кинеските потрошувачи.

Необичното спонзорство брзо се претвори во тема за шегување меѓу љубителите на фудбалот на платформите Редит и Икс. Главниот фокус на коментарите падна врз потребата од подобра дефанзивна заштита на теренот.

По заминувањето на клучни играчи од средниот ред и промените во стручниот штаб, приврзаниците коментираа дека на тимот му е потребна непробојна заштита на голот, алудирајќи на производите на новиот спонзор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс