Мали херои за големи дела: децата во Аеродром учеа како се селектира отпад

Преку игра, цртање и креативни активности, најмалите учеа како да препознаваат различни видови отпад и како да придонесат за почиста околина.

Градинките во општина Аеродром минатата недела се претворија во мали еко-работилници, каде што децата од предучилишна возраст учеа како правилно се селектира отпад и зошто грижата за природата почнува од секојдневните навики.

Под мотото „Малите еко-херои за чиста иднина“, компанијата „Еуро-Екопак“ организираше серија едукативни и креативни работилници во градинките „Буба Мара“ и „Срничка“, како и во нивните објекти „Сонце“, „Бамби“, „Чекорче и штурче“ и „Калинка“.

Преку игра, цртање и практични примери, децата учеа како да препознаваат различни видови отпад, каде треба да се одложуваат и како малите постапки можат да придонесат за почиста и поздрава околина. Во рамки на активностите, заедно со уметник боеја канти за селекција на отпад со еколошки симболи.

Од „Еуро-Екопак“ велат дека еколошката едукација треба да почне уште од најмала возраст, затоа што децата најлесно учат преку игра, боја, креативност и личен пример.

„Со проектот ‘Малите еко-херои за чиста иднина’ сакаме да им покажеме дека и тие, со мали секојдневни постапки, можат да бидат вистински херои за почиста и поздрава иднина“, изјави Лука Луковски, директор на „Еуро-Екопак“.

Целта на мини-караванот е да ја подигне еколошката свест кај најмладите и да создаде навики за правилно селектирање отпад уште од раното детство. Од компанијата најавуваат дека ќе продолжат со активности за едукација и поттикнување одговорен однос кон отпадот, со посебен фокус на децата како носители на идните промени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни