На 12 јули светот го одбележува денот на Малала, Меѓународен ден посветен на правото на образование за сите деца. Денот е воспоставен од Обединетите нации во чест на историското обраќање на Малала Јусафзај во ОН на нејзиниот 16. роденден, 12 јули 2013 година, само девет месеци откако Талибанците ја застрелале во главата затоа што ја бранела идејата дека девојчињата имаат право да одат на училиште.

Тој ден Малала изјавила: „Ова не е мој ден. Денес е денот на секоја жена, секое момче и секое девојче кои го кренале својот глас за своите права.“ Во 2014 година, на 17-годишна возраст, Малаја станала најмладата добитничка на Нобеловата награда за мир.
Македонија: Потврдена сегрегација, ромски деца во 100% одделни паралелки
Пред да зборуваме за Авганистан и Судан, постои проблем поблизу до нас. Во учебната 2024/2025 година во основното училиште „Санде Штерјоски“ во Кичево, 19 од 22 паралелки биле со мнозинство ромски деца, а 13 паралелки биле 100 отсто посетувани исклучиво од ромски деца. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во јуни 2026 година потврдила сегрегација, по претставка поднесена од Европскиот центар за права на Ромите во септември 2025 година. Тоа не е прв случај: Комисијата претходно констатирала сегрегација на ромски деца и во училишта во Битола, Штип и Прилеп.
Само 14 отсто од ромските деца на возраст од 3 до 6 години се запишани во предучилишно образование, наспроти 29 отсто кај неромското население кое живее во непосредна близина. Стапката на рано напуштање на образованието во Македонија е над целта на ЕУ од 9 отсто, со значително повисоки стапки кај ромската заедница. Главниот фактор поради кој децата во Македонија не одат на училиште е сиромаштијата.
Во 2025 година, Комитетот за човекови права на ОН утврдил дека Македонија го прекршила Меѓународниот пакт за граѓански и политички права преку етничко профилирање на границите, при што ромски граѓани биле спречувани да патуваат под изговор дека немаат „доволно средства“, нешто што не се случувало со неромските патници.
Светот: 286 милиони деца без училиште
Според официјалните податоци, 273 милиони деца и млади не одат на училиште, од кои 79 милиони се на возраст за основно образование, 64 милиони за пониско средно и 130 милиони за повисоко средно образование. Откако во 2015 година беше поставена Цел 4 од Одржливите развојни цели за квалитетно образование, бројот на деца надвор од образовниот систем се намалил за помалку од еден процент. Кога ќе се земат предвид и конфликтните зони, каде што податоците често се нецелосни, бројот достигнува приближно 286 милиони.
Во земјите со ниски приходи, 33 отсто од децата на училишна возраст не одат на училиште, наспроти само 3 отсто во земјите со високи приходи. Повеќе од половина од сите деца без образование во светот живеат во Субсахарска Африка.
Повеќе од 130 милиони девојчиња не одат на училиште поради родови предрасуди, непланирана бременост, детски труд, рани бракови, политички конфликти, природни катастрофи или недостапност на образованието.
Кои деца се најдискриминирани?
Секоја дополнителна година основно образование ги зголемува идните приходи на девојчињата за 10–20 отсто, придонесува за подоцнежни бракови, помали семејства и ги прави помалку ранливи на насилство. Но, конкретни групи и натаму се систематски дискриминирани.
Девојчиња: Авганистан е најекстремниот пример. По враќањето на Талибанците на власт во 2021 година, на девојчињата постари од 12 години официјално им е забрането да посетуваат средно училиште. Ограничувања на женското образование постојат и во Мали, Нигер, Пакистан, Судан и Сомалија.
Деца во конфликтни зони: Судан, Газа, Мјанмар и Украина, конфликтите уништуваат не само животи, туку и цели образовни системи. УНЕСКО проценува дека во 20 земји погодени од конфликти бројот на деца надвор од образованието е значително поголем отколку што покажуваат официјалните статистики.
Деца со попреченост, деца мигранти, деца што живеат во крајна сиромаштија и во Македонија и на Балканот тоа се ромски деца.

ЕУ и политиките
Европската Унија го гарантира правото на образование преку Повелбата за основните права на Европската Унија (член 14), обврзна за земјите членки. Стратешката рамка за образование и обука 2021–2030 поставува цел раното напуштање на образованието да се намали под 9 отсто до 2030 година. Рамката на ЕУ за еднаквост, инклузија и учество на Ромите 2020–2030 директно ги адресира образовните нееднаквости кај ромската популација.
Македонија ја усвои Стратегијата за образование 2018–2025 усогласена со европската рамка, а средното образование е задолжително од 2008 година. Сепак, раното напуштање на образованието останува над целта на ЕУ, со значително повисоки стапки кај маргинализираните групи.
Малала денес
Малала Јусафзај студирала филозофија, политика и економија на Универзитетот во Оксфорд во периодот 2018–2020. Денес живее во Бирмингем и продолжува да работи преку Фондот „Малала“, кој инвестира во локални образовни лидери и се залага за промени во образовните политики низ светот.
Нејзината порака, изречена пред Обединетите нации на 12 јули 2013 година, останува еднакво актуелна и денес: „Едно дете, еден наставник, една книга, едно пенкало може да го промени светот.“
Денес 286 милиони деца сè уште го чекаат своето пенкало.